Заев: Очекувам решение за името до крајот на јуни, Уставот ќе се отвора пред влезот во ЕУ


       
Скопје, 3 мај, 2018 - 9:48 (META) 

Со овие продемократски, прозападни и проевропски манири со коишто се однесуваме и двете страни во разговорите верувам дека ќе смогнеме сили до самиот крај да изнајдеме решение кое биде од корист на двете страни. Верувам дека може Македонија заедно со Грција да постигне решение пред одржувањето на Советот на министри, односно Советот на Европа. А веднаш после него е и Европскиот совет. Тоа е крајот на јуни. Би сакал да постигнеме решение дури и до Самитот на Европската Унија за Западен Балкан. Тоа е 17, 18 мај, но поважно е да постигнеме решение.

Ова во одговор на новинарски прашања го порача премиерот Зоран Заев вчера по потпишувањето на меморандум за разбирање меѓу Владата и Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили. Тој нагласи дека за власта е многу важно зачувувањето на достоинството и идентитетот.

– Кога веќе направивме сериозни чекори, а има сериозни чекори направено, ве уверувам дека движејќи се кон она што ни е важно, а тоа е да го сочуваме достоинството и идентитетот и на нашата страна и на грчката страна ќе се обидеме да го постигнеме решението коешто секако на Македонија ќе и обезбеди автоматска покана од НАТО и датум за преговори со Европската Унија.

Во однос на промените на Уставот што ги бара Грција како бескомпромисен момент, Заев вели дека промените ќе уследат пред зачленувањето во ЕУ, односно тогаш кога ќе се предаде суверенитетот на Брисел.

– Граѓаните треба да знаает дека Уставот се отвора пред непосредно влегување во полноправно членство во ЕУ. Зошто? Оти тогаш го предаваме нашиот суверенитет. Така што, за такви работи можеме да разговараме, треба да знаат граѓаните, но за останатите делови поврзани со Устав, промени или слично јас не би давал никакви коментари. Зошто? За да му дадам шанса на преговарачкиот процес до крај. Верувам се дека колку и да е безбедно, невлијателно врз преговарачкиот процес, да бидеме внимателни, за да постигнеме решение коешто ќе биде од обостран интерес на граѓаните на двете земји и на двете земји – рече премиерот.