Заев: Невин сум, „Поткуп“ е конструиран за да престанам со објавување на „бомбите“


       
Скопје, 6 март, 2018 - 13:36 (META) 

Премиерот Зоран Заев на денешното рочиште за случајот „Поткуп“ рече дека не се чувствува виновен и оти е убеден дека во судската постапка ќе се разобличи обвинението против него, конструирано во периодот кога беше лидер на опозицијата.

– Во спрега со Обвинителството конструираа обвинителен акт со злобни намери да бидам спречен за политичко дејствување. Ќе се потврди дека обвинението за „Поткуп“ е бесмислено – рече Заев пред судот.

Според него, станува збор за смислена акција преку таен агент и МВР да се постигне целта, за тој како тогашен лидер на опозицијата, да престане со проектот „Вистината за Македонија“ односно со објавувањето на „бомбите“.

Тој очекува дека со прегледувањето на доказите ќе се потврди дека станува збор за собирање донации за Соборниот храм во Струмица и за негови повици до бизнисмените да донираат за изградба на тој храм, што било прифатено од нив.

Заев рече и дека преку снимката која не била целосно прикажана во јавноста, ќе се докаже дека тој апсолутно немал намера да прими поткуп. Го замоли судот да овозможи пристап на јавноста во сите докази кои ќе бидат приложени на рочиштата. Побара и што е можно побрзо да се закажуваат судските рочишта.

Неговите адвокати истакнаа дека Заев и неговото семејство дале 50 илјади евра за изградба на црквата. Сведокот, според одбраната, бил запознаен за ова и сакал да создаде лажна слика дека Заев бара подарок за себе како услов за да се завршат постапките за откуп на земјиштето. Сведокот бил свесен дека станува збор за донација за црква, а не за поткуп.

Обвинителот, пак, го изнесе обвинението и рече дека ќе ја докаже вината на Заев. Судијата Дарко Тодоровски одлучи снимките прикажани на „Јутјуб“ да бидат прифатени како доказ.

Судењето треба да продолжи на 19 и на 26 март со прегледување на доказите и ЦД-та.