Заев: Немам докази за руско влијание во Македонија


       
Скопје, 17 септември, 2018 - 11:01 (META) 

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата посветена на слободата на медиумите во регионот, рече дека нема докази за руско влијание во Македонија.

– Немам докази за руско влијание овде. Руската Федерација е пријател на Република Македонија и нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но отворено е против НАТО. Ако имам докази за мешање со лажни вести јас јавно ќе ги споделам – рече Заев.

Тој потсети дека нема алтернатива за Македонија освен ЕУ и НАТО, и дека Македонија „сака пријателство со сите земји“.

Заев истакна дека е запознаен со информациите за мрежи на профили кои шират лажни вести на социјалните мрежи и традиционалните медиуми и порача дека се надева дека ќе „можеме да ги дознаеме деталите“, но дека тој нема идентификувано земји кои шират лажни вести.

Премиерот предупреди дека „злоупотребата во форма на дезинформирање многу лесно се рефлектира врз безбедноста и не претставува слобода на говор“.

Прашањето беше поттикнато од изјавата на портпаролот на Пентагон Ерик Пеон, дадена за „Њујорк тајмс“ пред денешната посета на државниот секретар за одбрана Џејмс Матис на Македонија, кој рече, „зачленувањето на Македонија во НАТО е еден од најлошите кошмари на Русија“.

Заев рече и дека државниот секретар за одбрана на САД, Матис е дојден да ги охрабри граѓаните да си го искористат своето демократсо право на референдумот и очекува со него да разменат искуства како партнерски земји.