Заев: Нема ништо недемократски ако државата се подготвува да си ги наплати даноците


       
Скопје, 13 август, 2018 - 15:07 (META) 

Државата нема аспирации да навлегува во детали на трошењето на парите на граѓаните, но во делот на приходите, многу демократски земји имаат увид во приходот кој што го остваруваат даночните обврзници.

Ова денеска го одговори, премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во врска со можноста УЈП да има увид во банкарските сметки на граѓаните.

„Даночната евазија во Македонија е голема и тоа најчесто е присутна каде што има најмногу приходи, кај побогатиот слој на населението. Конечно создадовме систем, преку поврзувањето со банкарскиот сектор УЈП да има увид во приходите кои што се цел на оданочување од страна на државата. Апсолутно тука нема ништо недемократски, а и до сега државата преку одредени институции можела да направи увид во некои сметки. Апелирам до граѓаните да нема никаква стравови, се работи за подготовка на државата во извршување на државата да ги наплаќа даноците“, вели Заев.

На прашањето дали ќе се оданочуваат приливите кои стигнуваат од иселениците, Заев рече дека мора да биде кристално јасно дека ќе се оданочува само оној приход кој е заработка.

– Она што е помош на семејствата од своите од надвор, тоа не е цел на оданочување согласно законите на Македонија. Ако некој има приход од странство затоа што работел и заработил во странство или направил некоја интелектуална услуга во странство, тоа е приход кој што се оданочува. Дотациите и донациите кои што нашинците ги испраќаат на нашите сограѓани нема да се оданочуваат – вели Заев.

Во врска со измената на предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за банките, пред неколку месеци реагираа и од Македонската банкарска асоцијација дека предложените измени и дополнувања се несоодветни и претставуваат директно навлегување  во приватноста на граѓаните и заштита на нивните лични податоци.

„Со проширување на листата на корисници на податоците кои се банкарска тајна особено на податоци кои не се специфицирани и неопределени, директно се влијае на суштината на банкарската такна која е една од основните фактори на довербата на граѓаните во банкарскиот систем. Имено, увид во трансакциски сметки на клиент претставува директна повреда на неговата приватност, навики, начин на живеење, со што може да се направи непоправлива штета доколку податоците бидат доставени до трети неовластени лица или бидат објавени во јавност. Ова може негативно да влијае на довербата на граѓаните во банките и штедењето која макотрпно се гради последните 20 години“, се вели во дописот на МБА.

Од таму бараа предлог-законот да биде ставен на поширока и подолготрајна јавна расправа со цел целосно разгледување на сите аспекти и ефекти од неговата примена.

За Лилјана Пецова Илиеска, експерт со долгогодишно искуство во заштита на личните податоци, со предложените измени на Законот за банки се постигнува и друга цел, освен онаа која се доставува во текстот поставен на ЕНЕР, бидејќи вклучува и овозможува пристап и до друг орган освен УЈП. Иако тоа е ограничено во рамки на надлежноста на Царинската управа, сепак останува како перцепција дека се проширува опсегот на органи кои ќе имаат малку посеопфатен пристап до банкарските информации.

– Не се работи само за тоа кој сè ќе има пристап до податоците на граѓаните. Прашањата што треба да се постават се всушност прашања и одговори како низа на процеси и процедури кои ќе треба УЈП да ги изготви за да бидат сигурни граѓаните дека нивните лични податоци се сигурни.
При собирање на податоците, односно достава до УЈП, кој е безбедносниот канал за проток на банкарските информации? Kако е обезбедена заштитата на личните податоци и нивна обработка заради спречување на потенцијален директен маркетинг, или пак продажба на трети лица на податоци добиени при анализа? Како ќе се избегне можноста за вкрстување на бази на податоци при ваков опсежен формат и обем на личните податоци – прашува Пецова Илиеска.

Според неа, малку е непрофесионална изјавата на директорката на УЈП дека ако досега немало злоупотреба од страна на државните службеници дека нема потреба од загриженост.

– Тие одговори сепак треба да ги даде судската пракса во државата и секако Дирекцијата за заштита на личните податоци со оценка за степенот на усогласеност на системот за заштита на личните податоци на УЈП, односно Царинска управа со постоечките законски одредби. Исто така, треба да се имаат предвид и обврските кои произлегуваат од Законот за заштитана личните податоци и апелирам да се усвојат и измените на законот за ЗЛП за што поблиско усогласување со ЕУ регулативата – вели Пецова Илиеска.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска уверуваше дека податоците на граѓаните се заштитени.

– Личните податоци на граѓаните се сигурни, загарантирани и заштитени. Користењето на податоците низ една ваква законска и сигурна процедура е императив за да може Управата за јавни приходи да издава однапред пополнети годишни даночни пријави кои граѓаните само ќе ги потврдуваат. Издавањето на пополнетите годишни даночни пријави е дел од реформата за поедноставување на постапките за плаќање на персоналниот данок на доход, која Управата за јавни приходи ја спроведе со користење на средства од ЕУ, ИПА – фондовите – рече Лукаревска.