Заев: Нема да попуштиме пред притисокот, амнестијата е невозможна


       
Скопје, 24 јули, 2018 - 15:52 (META) 

Многу сме блиску до реализацијата на стратешките цели на Република Македонија – членството во ЕУ и НАТО, и нема да дозволиме процесот да го нарушат или да го доведат во ризик неодговорни ултиматуми. Остануваме посветени до крај да стигнеме до решенија кои ќе овозможат услови за фер референдум во интерес на граѓаните на нашата земја, истакна премиерот Зоран Заев на денешната средба со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот.

– Законот е еднаков за сите, амнестијата за политичкиот криминал е невозможна и особено нема да попуштиме пред притисокот да отстапиме од владеењето на правото – рече Заев.

Toj истакнал дека Република Македонија со датумот за преговори со ЕУ и со поканата за НАТО отворила ново поглавје во својата историја и, истовремено, отвори ново значајно поглавје и во историјата на Европа во период кога за ЕУ е од огромна важност единството на сите европски земји, соопшти владината прес-служба.

Државниот министер надлежен за Европа Рот, нагласил дека Република Македонија и понатаму може да смета на целосна и силна поддршка од СР Германија. Тој потенцирал дека претстојниот референдум е момент за одлука за европската иднина за Македонија и дека одговорноста сега треба да ја преземат сите релевантни политички субјекти во земјата, вклучувајќи ја и опозицијата.