Заев: Не е исто дали ќе пишува „бугарски фашистички куршум“ или „фашистички куршум“


       
Скопје, 29 ноември, 2018 - 14:00 (META) 

На следната владина седница помеѓу владите на Македонија и Бугарија, која најверојатно ќе се одржи во декември, заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, ќе реферира пред двете влади за прогресот и очекувањата, рече премиерот Зоран Заев како одговор на пратеничко прашање за промена на учебниците.

– Точно е дел од комисиите разговараат и за учебниците, но штом ќе има нешто договорено тоа ќе се сподели со јавноста. Во дел од учебниците пишува „бугарски фашистички куршум“ кој не е во согласност со пријателството. Она што ќе се одлучи со промена на учебниците ќе биде во духот на идно и трајно пријателство – рече Заев.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, праша што ќе се менува кога неспорен факт е дека Бугарите биле окупатори.

– Сите ние сме учеле дека Бугарите биле окупатори. Во Прилеп има музеј. Ќе го срушиме? Да не навлегуваме во нешто што е неспорен факт. Дали не е факт дека Бугарите биле окупатори? Што ќе менуваме – праша Ласовска.

Заев одговори дека историјата е таа и нема да се менува, туку ќе се менува нашето однесување.

-Не е исто дали ќе пишува „бугарски фашистички куршум“ или „фашистички куршум“. Може да избереме да бидеме скарани со соседите уште 100 години или да градиме пријателство без да ја менуваме историјата – рече Заев.