!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев најави решение за проблемот со колекторот за прочистување на Охридско Езеро


       
Скопје, 21 јули, 2017 - 11:40 (META) 

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски, доцна вчера попладнето имал одделни средби со в.д. градоначалникот на Општина Струга, Мустафа Забзун, и со градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, на кои било разговарано за финансиските и за проблемите со колекторот за прочистување на Охридско Езеро.

„Еден од заедничките проблеми за кои стана збор на оваа средба се проблемите во финансиското работење на двете единици на локална самоуправа, кои се соочуваат со хронично блокирање на сметките на општините поради долгови кои се создадени од повеќе причини. Во најголема мера, долговите на Охрид и на Струга произлегуваат од кумулираните обврски поради ненавременото намирување на кредитот од Европската банка за обнова и развој, кој во 1998 година го договори тогашното Министерство за трговија, за изградбата на колекторот за прочистување на водата во Охридско Езеро, а кое потоа отплатата на кредитот им го префрли на општините“, стои во соопштението на Владата за средбите.

Премиерот Заев истакнал дека е детално запознаен со овој проблем и изразил подготвеност за негово решавање наскоро.

Тој најавил дека Владата е подготвена да најде решение за управувањето со колекторот за прочистување на Охридско Езеро да биде изземено од надлежноста на општините, бидејќи едно такво решение ќе го олесни работењето на општините Охрид и Струга. Заев истовремено најавил дека ќе биде „подготвен детален проект за реконструкција и за доградба на колекторот за трајна заштита на водите на Охридско Езеро“.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, изразил благодарност за поддршката и побарал помош од Владата и за решавање на проблемот со регионалната депонија.

На средбите премиерот прифатил Владата и надлежните министерства во најкус можен рок да ги разгледаат и информациите за другите важни прашања за функционирањето на двете општини.