fbpx

Заев: МРТ ќе биде независен медиум, со независен директор и со независни уредници

-

Со парите што ќе се издвојуваат од буџетот на државата за „Македонската радио-телевизија“ (МРТВ), ќе се обезбеди независност на националниот сервис, порача лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, од вчерашниот партиски мининг во Тетово, во рамките на кампањата за локалните избори на 15 октомври.

Ова Заев го истакна зборувајќи за укинувањето на радиодифузната такса, со која досега се обезбедуваа и до 47 отсто од средствата за МРТВ.

– Од 80.000 до 100.000 сметки се блокираа месечно поради радиодифузната такса. Ја укинавме и радиодифузната такса и повеќе нема никому да му доаѓа сметка за радиодифузна такса и да му биде блокирана сметката! Плаќате даноци, од буџетот ќе ги издвоиме сите тие пари за „Македонската радио-телевизија“ и тие ќе бидат исплаќани секој почеток на месецот од први најдоцна до пернаесетти. МРТВ нема да зависи ниту од Драган Тевдовски, министерот за финансии, ниту од Зоран Заев, ниту од кој било што ќе дојде по нас. Ќе има независен медиум, со независен директор, со независни уредници поради тоа што од независноста на МРТВ, зависи и неависноста на другите медиумите, а ако имаме независни медиуми, ќе има совест во Македонија, ќе гледаат непристрасно и ниту на Заев, ниту на кој било друг ќе му падне на памет да краде повторно од државата – рече Заев.

Според предложеното законско решение, за радиодифузна дејност е предвидено да се издвојуваат 0,5 отсто од државниот буџет, односно околу 885 милиони денари или 14,4 милиони евра, од кои на МРТ ќе ѝ припаднат 10,7 милиони евра (остатокот оди во Македонската радиодифузија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги).

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Независниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ), бараат сумата за МРТ да биде 1 отсто од буџетот (околу 30 милиони евра), бидејќи, според нив, сè што е под оваа сума нема да гарантира независен, професионален и ефикасен национален сервис.

Инаку, од Министерството за информатичко општество и администрација во август годинава, на финална расправа беше испратен предлог-законот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, каде што процентот на буџетско финансирање за радиодифузијата беше 0,7 отсто. Но, наместо да се дискутира за таа верзија, сега се појави предлог-закон во кој процентот за финансирање на радиодифузијата е 0,5 отсто.

Со издвојување 0,5 отсто од државниот буџет, националниот сервис ќе има помалку пари на располагање од буџетите во изнинатите неколку години, кои беа од 18 до 23 милиони евра, пишуваше неодамна „Вистиномер“.

Обезбедувањето доволно средства за независно функционирање на МРТ е едно од клучните барања на Еврпската Унија и на европскиот експерт Рајнхард Прибе, во неговиот извештај од 2015 година, но и во најновниот, од јули годинава.

„Мора итно да се обезбедат соодветни средства за да се засили нејзината независност и за да се овозможи ефикасно работење и управување“, стои во извештајот на Прибе.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...