!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев ја потврди коалицијата со ВМРО – Народна партија во Штип за вториот круг од изборите


       
Штип, 21 октомври, 2017 - 15:41 (META) 

Кандидатот за градоначалник на Штип од СДСМ, Благој Бочварски, во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи на 29 октомври, ќе ја има поддршката од ВМРО – Народна партија, потврди лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, за време на денешната посета на Штип, во рамките на кампањата за вториот круг од изборите.

– Она што е новина во вториот дел од изборите, е тоа што ние сме засилени со ВМРО – Народна партија. Коалицијата е потврдена на централно ниво, заедно стоиме во таа коалиција. Јас верувам дека дополнителната поддршка од граѓаните, симпатизери, поддржувачи на ВМРО – Народна партија, ќе ја зголемат разликата (во гласови), што сакаме да ја направиме во вториот изборен круг, гледајќи напред кон перспективите што доаѓаат и за Штип и за целиот наш Источен Регион – изјави Заев.

Тој истакна оти е убеден дека коалицијата предводена од СДСМ ќе победи во Штип и дека „конечно промените ќе бидат заокружени“ и во оваа општина.

– Јас сум убеден дека граѓаните веќе знаат како да го дадат својот глас. Имаме одличен кандидат, неговата програма е одлична и се вклопува со програмата на Владата. Локалната и централната власт заедно, можат да реализираат крупни проекти во Штип. Браната што мораме да ја направиме е еден од покрупните проекти, гасификацијата на Штип, затворениот базен и инфраструктурните проекти што се наброени во програмата на Благој Бочварски ќе бидат реалност – рече Заев.