Заев изрази сомнеж дека Груевски можеби е киднапиран


       
Скопје, 16 ноември, 2018 - 13:08 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска на новинарско прашање во врска со бегството на Никола Груевски ги потврди информациите кои стигнаа од Албанија и Црна Гора, дека тој од таму пребегал во Унгарија и потврди дека тоа било сторено со дипломатско возило на Унгарија.

Тој рече дека не постојат дилеми дали Груевски се наоѓа во Унгарија, бидејќи било потврдено од официјални служби, и очекува екстрадиција.

Но, исто така и јавно го постави прашањето, дали Груевски доброволно ја напуштил Македонија пред да биде издадена потврдата за казната затвор или можеби бил киднапиран. Очекува Груевски и Унгарија, да одговорат на ова прашање.

– Секоја амбасада е екстериторијалност, односно е територија на друга држава, секоја дипломатска кола, секој авион зависи кое знаме го носи е екстериторијалност. Таму нашата полиција или систем не може да делува, вклучително и на дипломатска кола.Од тој аспект јавно прашувам дали тоа тој доброволно го направил или бил киднапиран. Одговорот на ова прашање ќе даде одговори на многу прашања кои нашите граѓани заслужуваат да ги добијат – одговори Заев на прашањето на „Мета“, зошто спомнува киднапирање.

Премиерот рече дека истрагата на МВР ќе ги даде одговорите на сите прашања поради кои граѓаните, но и тој лично се гневни. Потврди дека е отворена двојна истрага, едната е од внатрешна контрола за можна одговорност на полицијата или кој било вработен во МВР, а втората истрага ја води Јавно обвинителство за организиран криминал.

– Сите документи и докази што ги имаме ќе ги споделиме со јавноста, ќе ги предадеме на Унгарија, но и на еврокомесарот Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Најмалку што е очекуваме е да се почитува меѓународното право, и дополнително, пријателството да го докажат со тоа што ќе го екстрадираат или вратат Груевски. Веќе се поднесени првите документи од наша страна. МВР и Министерство за правда ги комплетираат и штом бидат комплетирани, ќе се поднесат сите други. Ги доставуваме аргументите, за какви други случаи се водат дела против Груевски, детали зошто е осуден и правосилната пресуда – додаде Заев.

На новинарско прашање во однос на тоа дека за можноста за бегство медиумите пишувале уште во август, односно доколку пратениците гласаат за промена на името, Заев одговори дека за тоа бил свесен и кога ги објавил бомбите во 2015 година. Но додаде дека бегството на Никола Груевски не е поврзано со гласањето во Парламентот и најважниот политички процес кој се одвива во моментот.

– Зошто нема врска? Затоа што Груевски лично ќе гласаше и немаше да ги стави на осуденичка клупа колегите пратеници. Втората работа е, што има влијание постфестум затоа што не знам дали парламентарното мнозинство во вакви околности ќе се одржи. Затоа што веројатно тој ги предаде и своите поранешни другари, соработници. Тоа го направи на најнечовечки начин и последиците уште ги чувствуваат – рече Заев.

Повторно прашан за одговорноста на МВР во овој случај тој додаде дека презеле се, согласно законските овластувања.

– Четири недели претходно следеле, биле внимателни и јас сум информиран за сите детали. Груевски беше транспарентен. Присутен на седници во Парламент, Комисии, во судските процеси, се објавуваа слики како трча на Кеј со обезбедувањето. Тоа потврдува дека немал закани по живот и немало индиции дека ќе направи нешто. Од тој аспект потврдувам дека четири недели претходно, можеби и повеќе, ќе каже внатрешната истрага, МВР постапувале со своите овластувања на следење и на внимателност во делот на однесувањето. МВР ќе кажат детали кога ќе направат реконструкција – додаде Заев.

Тој не верува дека Груевски ќе избега во Турција или Русија, бидејќи како што кажа, Унгарија ја чувствува сериозноста на ситуацијата.

– Веројатно тие ќе ги дадат своите одговори, а таа одговорност би била огромна, неиздржлива ако таква работа се случи.  Тоа зависи од Унгарија и е надвор од контрола на нашиот систем. Верувам дека ќе постапат по меѓународните регулативи. Не се работи за политички момент, незгодност дома, па државата да даде азил. Овде се работи за правосилна пресуда, со бегството ја призна вината – рече Заев.