Заев: Искрено се надеваме дека МПЦ-ОА ќе стане дел од православната заедница


       
Охрид, 28 мај, 2018 - 11:44 (META) 

Премиерот Зоран Заев, кој со претседателот Ѓорге Иванов, претставници на државниот врв, на Синодот и свештенството на МПЦ предводени од архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, присуствуваше на свечената академија по повод 1.000 години од Охридската архиепископија, рече дека и тогаш и денеска, Охридската архиепископија беше една важна одредница во историјата на црквата, во историјата на христијанството на овие простори.

– Охридската архиепископија претставувала духовно средиште на христијаните и народите што ја прифатиле оваа верска припадност на целата територија на географска Македонија, и била обединувачки, над-етнички фактор -, рече Заев и додаде дека постои десет векови поврзаност и континуитет, со колевката, од која произлезе духовната сувереност на народот кој се збра околу идејата за своја држава и се избори за неа.

Премиерот во своето обраќање подвлече дека „Охридската архиепископија го поврза своето постоење со Македонската православна црква, која иако се соочува со бројни искушенија, никогаш не посегнала по ништо што е туѓо, а на својата автокефалност се повикува како што на неа се повикуваат сите помесни православни цркви денеска.“

– Искрено се надеваме дека многу скоро, ќе преовлада христијанската љубов и добрата волја и дека и МПЦ-ОА ќе стане дел од единството на православната заедница. Повторно ќе се повикаме на вредностите на древната Охридската архиепископија која била духовната обединителка на православните народи, и уверени сме дека нејзиниот дух возобновен во Македонската православна црква може да прерасне во алка на помирување и обединување околу изворните принципи на заедништво на православната црква – додаде Заев.

Архиепископот г.г Стефан рече дека Охридска архиепископија е сведок дека вистината секогаш е посилна од невистината, правдата од неправдата и љубовта од омразата.

-Што се не доживеа оваа наша древна Црква од падот на царството и државата, од освојувањата и владеењата и од истоверни и од друговерни, од уривањата и грабежите, од палењата и пустошењата…Но духот на оваа наша славна Архиепископија беше тоа што му даваше утеха на нашиот народ и го крепеше да опстои. Под нејзина закрила ги зачувавме и душата и верата, и од неа црпевме морални и духовни сили. Таа ни беше единствената поткрепа и надеж во ропствата, единствен излез од беспаќата и патоказ кон вечноста – рече г.г Стефан.

Претседателот Ѓорге Иванов, кој е и покровител на манифестацијата за одбележување на илјадагодишнината од формирањето на Охридската архипепископија, рече дека од денот на независноста, Македонската православа црква го преживува сето она низ што минувала и низ што се уште минува Македонија.

– Години исполнети со блокади, изолации и непризнавње кои создаваат кризи, кризи што предизвикуваат поделби наместо сплотеност, цинизам наместо добронамерност, сеирџиство наместо солидарност и омраза наместо љубов, губење на умереноста, трпеливоста, чесноста, добрината, човечноста. Во вакви сложени услови Македонската православна црква се соочува со двоен предизвик, првиот да остане верна на изворната христова порака и вториот да биде општествено релевантна – рече Иванов.