Заев и Мицкоски им честитаа на ракометарите за победата над Словенија


       
Скопје, 14 јануари, 2018 - 11:10 (META) 

Преку своите профили, премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчеравечер им ја честитаа победата на македонските ракометни репрезентативци кои со победа над машката репрезентација над Словенија од 25:24 ги почна настапите на Европското првенство што се одржува во Хрватска.

„Одличен почеток на нашата репрезентација на Европското првенство во ракомет. Вие сте нашата гордост и заедно се радуваме на овој успех. Посакувам среќа и многу голови во следните натпревари со Црна Гора и Германија“, напиша премиерот Заев.

Нови победи на македонските ракометари им посака и претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.

„Упорноста се исплати, со срце и силна волја се бранат боите на Македонија. Честитки за победата на македонските ракометари. Нека се множат победите јунаци“, напиша на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во честитката до ракометарите.

По нерешените 11:11 на крајот на првото полувреме, „црвено-жолтите“, во второто полувреме од почеток настапија агресивно и со серија од 4-0 за четири минути, а во 35.м инута празен гол за плус 5 од својата половина промаши Дејан Манасков, по што Словенците го постигнаа првиот гол во продолжението. Тука ситуацијата се сврте и следуваше подобра игра на словенечкиот состав и постојана тесна трка на резултатите се до драматичен финиш, во кој поуспешни беа нашите репрезентативци.

Најефикасни во македонската селекција беа Дејан Манасков со осум и Кире Лазаров со седум погодоци.

Следниот натпревар на ЕП во Загреб Македонија ќе го игра в понеделник со Црна Гора, во  2-то коло од Ц-групата.