Заев и Курц ја повикаа Франција да не ја блокира Македонија за влез во ЕУ


       
Виена, 26 јуни, 2018 - 16:36 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска во Виена имаше средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц по што двајцата лидери одржаа прес-конференција на која Курц потенцираше дека Австрија и дава силна поддршка на Македонија за отворање на претпристапни преговори со ЕУ.

Курц рече дека Македонија заслужува од ЕУ отворање претпристапни преговори и најави дека Австрија ќе направи се што може ЕУ Советот да донесе позитивна одлука за Македонија.

Тој ги повика граѓаните на Република Македонија на претстојниот референдум во нашата земја да го поддржат договорот со Грција.

Заев му се заблагодари на австрискиот канцелар за отворената поддршка за Македонија и додаде дека Австрија е вистински, голем и искрен пријател.

– Важно е охрабрувањето што го слушнавме денес од вас како прв човек на Владата на Австрија, на два дена пред Советот на министри на ЕУ, дека вашата држава поддржува отпочнување преговори на Македонија со ЕУ. Очекуваме позитивна вест за Македонија и одлука со датум за отворање на пристапните преговори од Советот на министри, по силната реформска ориентираност и добрососедските политики на коишто се посветивме и за што добивме силни охрабрувања и од првите луѓе на Европската Унија – рече Заев.

Тој потенцираше дека очекува Македонија да биде 30-та земја членка на НАТО и порача дека на регионот му се потребни евро-атлантски интеграции поради политичка стабилност и безбедност, но и поради економски развој.

На новинарско прашање за ставот на Франција за датум за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, Заев рече дека ја разбира внатрешната дебата во Франција околу проширувањето, но додаде дека Македонија не бара веднаш да стане членка на ЕУ, туку да продолжи мотивацијата од ЕУ.

– Верувам дека претседателот Макрон ќе донесе одлука за продолжување на мотивацијата – рече Заев, на што се надоврза Курц кој изрази надеж дека Макрон ќе донесе проевропска одлука за да нема застој на регионот.