Заев – Данкан: Бојкотот на референдумот е бојкот на иднината на државата


       
Скопје, 18 септември, 2018 - 13:01 (META) 

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со британскиот државен министер за Европа и Америка, Ален Данкан констатирале, како што соопштија од Владата, дека секоја поединечна одлука за бојкот на референдумот е бојкот на иднината на државата и на демократијата.

Според Владата, Данкан го поддржал процесот на интеграции на Македонија и охрабри земјава да ги оствари стратешките цели, што е важно за Mакедонија, но и за целиот регион. Заев на средбата повторно го кажал своето очекување дека огромно мнозинство граѓани ќе гласаат „за“ на референдумот.

-Огромно мнозинство граѓани се за членство на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, затоа што тоа ќе донесе стабилност и безбедност во државата и европски животен стандард. Јас сум уверен дека тоа ќе се преслика на претстојното гласање за референдумот. Очекувам сите политички субјекти во државата и поединци да најдат сила и дека ќе се издигнат над политичките интереси и ќе одговорат на обврската да се изјаснат на референдумот, во овој историски момент за иднината на државата – рекол премиерот.

На состанокот се разговарало и за други актуелни политички и безбедносни прашања на домашен и регионален план.