Заев го осуди вчерашниот инцидент на Водно, МЕР побара дисциплинска одговорност


       
Скопје, 30 август, 2018 - 17:04 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска го осуди вчерашниот инцидент на Водно, кога еден од работниците побарал багерите да одат кон активистите од иницијативата „Го сакам Водно“ што со жив штит ја спречуваа работата.

– Прво да изразам жалење за ваквиот начин на однесување на багеристи и кои било други претставници на изведувачите, работници и наши граѓани коишто работат. Апсолутно осуда е ваков настан макар и преку закана дека некој ќе нападне човечки живот или не знам што ќе направи за да ја извршува својата работа – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Тој вели дека се работи за проект којшто ќе биде од огромна еколошка, но и економска вредност за граѓаните.

– Секоја цевка заштедува илјадници дрвја пред се и на Водно, а и на Шар Планина заради тоа што гасоводот води кон Тетово и Гостивар. Јас се надевам дека сите заедно внимателно и будно ќе продолжиме да го следиме проектот на реализација на гасификацијата која што поминува во подножјето на Водно заради тоа што дефинитивно која било друга алтернатива може да направи само поголеми штети од ова што сега го имаме – истакна премиерот.

Од државното претпријатие Македонски енергетски ресурси пак соопштија дека е побарано од фирмата што го предводи конзорциумот кој го гради гасоводот работникот што нареди багерите да тргнат кон активистите да не се појавува веќе на градилиштето, а против него да се преземат дисциплински мерки.

Тоа денеска преку соопштение го побараа активистите од иницијативата „Го сакам Водно“.