Заев го достави списокот со имињата за владината реконструкција до Собранието


       
Скопје, 23 мај, 2018 - 9:46 (META) 

Собранието вчера доцна попладне го прими предлогот за нови министри и заменици министри во Владата. Се очекува, седницата за реконструкција на Владата да се одржи во текот на следната недела.

Во предлогот за владината реконструкција се наведени имињата на кандидатите за министри и заменик-министри од редовите на новите коалициски партнери – Беса на Африм Гаши и ДПА на Мендух Тачи.

Заев пред два дена рече дека до крајот на месецов биографиите на кандидатите ќе бидат ставени на дневен ред на пленарна седница и на тој начин, како што рече, конечно ќе се комплетира составот на Владата.

Според предлогот, досегашната министерка за образование Рената Тренеска Дескоска е предложена за нова министерка за правда, а за министер за образование нејзиниот актуелен заменик Арбр Адеми, кадар на ДУИ. Роберт Алаѓозовски повеќе нема да биде министер за култура, на негово место е предложен Асаф Адеми, кој доаѓа од Беса, додека за министер без ресор е предложен Бардул Даути, која доаѓа од ДПА.

Во текот на вчерашниот ден во јавноста излегоа и информации за тоа кои би биле новите заменици министри во одредени ресори. Така на местото на Арбр Адеми во образование ќе биде предложен пратеникот од СДСМ Петар Атанасов, додека за заменик министер во Министерството за надворешни работи се споменуваше името на поранешниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски. Испразнето е и министерското заменичко место во здравство.