Заев ги финишира разговорите со Демократската партија на Турците


       
Скопје, 28 март, 2018 - 15:26 (META) 

За проширувањето на владината коалиција, премиерот Зоран Заев рече дека ги допрецизира договорите со Демократската партија на Турците и се надева дека до идниот вторник, тој процес ќе биде завршен.

На новинарско прашање врзано за овој процес, тој исто така одговори дека пратеникот од Турската демократска партија веќе учествува во поддршката на законските решенија и процедурите во Парламентот.

– Прво треба да ја заокружиме оваа соработка, а после ќе разговараме и со другите партии. Пред сè размислувам за Беса и тоа двете групи. Се надевам дека имаат нешто кое ќе ги спои како една група, а потоа ќе разговараме и со другите опозициони партии и пратеници – рече Заев.

На новинарско прашање за ставот на ДУИ во однос на проширување на коалицијата, Заев рече дека ставот на владејачката коалиција е да ги остави отворени вратите.

– Уште кога го објавивме договорот за коалиција, рековме дека остануваме со отворени врати. И од тој аспект, оставена е можноста на премиерот секогаш да разговара со политичари, пратеници, партии кои се подготвени да ја поддржат програмата на владата, посебно позициите во поглед на актуелните прашања во Македонија. Зборувам за прашањето за проблемот со името, реформите, и за концептот “едно општество за сите“ – додаде Заев.

Тој објасни дека има пратеници и политички партии кои се во опозиција, а не се согласуваат со најголемата опозициска партија.

– Тие негуваат концепт или филозофија кој е близок на владејачкото мнозинство. Тоа го препознавме и од тука се иницијативите и причините да разговараме со сите. Штом ќе ја поминам оваа фаза, од Ахмети и другите коалициони партнери ќе барам согасност за евентуално зголемување на коалицијата и бројот на парламентарното мнозинство – дополни Заев.