Заев: Германија дава поддршка за реформите и за решение за спорот за името


       
Скопје, 12 април, 2018 - 13:56 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со делегација од Бундестагот на Република Германија, предводена од Гунтер Крихбаум, претседавач со Комисијата за европски прашања во германскиот парламент, придружувани од амбасадорот на Германија во Македонија, Томас Герберих.

Од владината прес-служба информираат дека Крихбаум и пратениците од Бундестагот пренеле порака на охрабрување од Република Германија, за важните чекори што ги презема Република Македонија во реформскиот процес и во надминувањето на билатералните прашања, што ќе ги отворат перспективите на државата.

Претставниците на германскиот Бундестаг изразиле поддршка за реформските закони, како и за разговорите помеѓу шефовите на дипломатиите на Република Македонија и на Република Грција во Охрид во насока на изнаоѓање решение на прашањето што стои на патот на интеграциите на државата.

-Почнуваме со носењето на реформските закони значајни за обезбедување независно судство, владеење на правото, професионални медиуми, или општо земено, со пакетот реформски закони, направени според препораките на Европската комисија и експертската група на Рајнхард Прибе. Низ инклузивните политики, нашата цел е да обезбедиме функционални институции во служба на сите граѓани. Исто така, од министерската средба во Охрид очекувам потврда на напредокот во разговорите, низ, коишто, верувам, сме на пат да го решиме долгогодишниот спор. Интеграциите во ЕУ и НАТО за Република Македонија се стабилност, безбедност и економски развој – рече Заев.

На средбата се разговарало и за отворените можности за унапредување на соработката меѓу бизнис заедниците на државите, во здравството, како и во други области значајни за граѓаните.