Заев: Договорот создава подобра иднина за Македонија и Грција


       
Брисел, 13 јули, 2018 - 10:12 (META) 

Договорот создава пријателство и соработка, но и перспективи за граѓаните на двете земји, вели македонскиот премиер Зоран Заев во изјава за Независната балканска новинска агенција (ИБНА), кусо по потпишувањето на поканата за интеграција на Македонија во НАТО.

– Интеграцијата во НАТО ќе ги зајакне безбедноста и стабилноста во регионот и ќе придонесе за зголемување на инвестициите во целиот регион. Убеден сум дека со оваа разврска, резултатите ќе бидат позитивни како за граѓаните на Грција, така и за граѓаните на Македонија. Од овој аспект, сакам уште еднаш да ги истакнам пораката и важноста на овој договор. Договорот создава пријателство и соработка, но и перспективи за граѓаните на двете земји – вели македонскиот премиер.

Заев во изјавата, ги повикува грчките граѓани, исто како што ги повикува и македонските, да ги искористат можностите од договорот кој што „создава подобра иднина за Грција и Македонија“.

– Секако на крајот на целиот процес, по спроведувањето на референдумот и по промените во Уставот, ние, како што прифативме, ќе се викаме Северна Македонија. Паралелно, како што Грција ги прифати термините македонски јазик и македонски народ, така и ние го прифативме терминот грчки Македонци со посебностите на нивното културно наследство. Убеден сум дека пријателството што го имаме изградено, може да донесе, со взаемно почитување и взаемно признавање, само позитивни резултати за денешните генерации, а особено за следните генерации – порачува премиерот Заев во изјавата за ИБНА.