fbpx

Заев до јавната администрација: Бидете спокојни, нема да отпуштаме

-

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска, во обраќање до вработените во државните институции, им порача да бидат спокојни, оти нема да има отпуштања во администрацијата. Тој истакна дека вработените во државните институции ќе бидат мотивирани да ја извршуваат својата работа, а не казнувани и оценувани како досега.

„Ви се обраќам од главниот град, од административниот центар на Републиката да порачам дека ќе имаме професионална, услужлива и трудољубива администрација! Бидете спокојни, нема да има отпуштања во администрацијата! Кој ви го говори спротивното, го прави тоа од политички, лични или други причини. Ве уверувам, завршува времето на реваншзми и на делење на народот по партиски списоци. Работното место не смее да зависи и нема да зависи од тоа дали сте член на партија, дали сте се појавиле на митинг или дали сте ставиле лајк на ’Фејсбук’“, вели лидерот на СДСМ.

Тој уверува дека институциите ќе работат исклучиво во служба на граѓаните, дека никој нема да се чуствува непотребен, да биде вработен на хартија, а да нема столче каде да седне. Заев вели дека СДСМ ќе гради држава во која сечиј труд ќе биде вреднуван и дека неговата партија има план како да го направи тоа.

„Ќе воведеме работно време во две смени до 20 часот во клучните институции, што ќе ви олесни на сите да не излегувате од работа или да земате ден од годишен одмор или боледување, за да завршите административни работи. Каде што има превработеност, ќе ги насочиме вработените, според нивната стручност, кон јавните сервиси каде недостига кадар, за подобри услуги на граѓаните. Паралелно со создавањето ефикасна администрација, ќе создаваме услови и за развој на домашните фирми, кои ќе отвораат работни места. На овој начин за сите граѓани отвораме простор за избор, да конкурира за работа и да работи, онаму каде што гледа најдобра иднина за себе и каде се чувствува најкорисен“, истакна Заев.

Тој на крајот повикува на единство како услов за остварување на овие промени.

„Ве повикувам сите, да бидеме добри луѓе, да го трасираме патот кон развој. За тоа да се случи, мора да сме заедно! Дедовците така нè учеа. Нè учеа дека десет прачки потешко се кршат. Македонија повеќе не може да издржи делби“, нагласува Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...