Заев, Димитров, Забрчанeц и Маричиќ на форумот за поддршка на Берлинскиот процес

Четири дебати ќе се одржат денеска и утре во Скопје во рамки на Форумот за граѓанското општество Скопје 2018, а како продолжение на успешната серија на форуми одржани како поддршка на Берлинскиот процес и Самитот што се одржува секоја година почнувајќи од 2015 година во една од земјите-членки ЕУ.

Ко-организатори на Форумот се Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје (ФЕС Скопје), „Еуротинк“ и Младинскиот образовен форум (МОФ).

Дебата „Еден-на-еден“: „Билатералното на Балканот: Регионалните импликации на билатералните спорови“ ќе се одржи денеска во кино „Култура“, а панелисти ќе бидат шефот на дипломатијата Никола Димитров и основачот на „Коха Диторе“, Ветон Сурои.

На истата локација подоцна ќе се одржи дебата: „Стратешкото размислување за проширувањето“, а панелисти ќе бидат Лукас Холуб, од Делегацијата на ЕУ во Македонија, Бојан Маричиќ, специјален советник на премиерот и технички преговарач со ЕУ и Тоби Вогел, ЦЕПС.

„Ноќна сесија“: „Активизам вс. Консултанство: Која е улогата на граѓанскиот сектор?“ ќе се одржи вечерва во ресторанот „МКЦ“, а панелисти ќе бидат Филип Радуновиќ, ГИЗ, Марјан Забрчанец, специјален советник на премиерот, Венера Хајрулаху, консултантка, Мелиха Бајрамовиќ, ТАНГО.

За утре е предвидена дебата „Еден-на-еден“: „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“ на која како панелисти се најавени премиерот Зоран Заев и Јанис Армаколас, од грчката фондација за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП).