Заев: Дезинформациите се најголем поткопувач на демократските и реформските процеси


       
Скопје, 17 септември, 2018 - 12:57 (META) 

Премиерот Зоран Заев заедно со еврокомесарот за проширување и соседска политика на Европската унија, Јоханес Хан и претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир со свои воведни обраќања денеска ја отворија конференцијата за земјите од Западен Балкан, Денови на медиумите којашто се одржува во Скопје, а е во организација на Европската Комисија.

Хан и Дезир ги поздравиле напорите на Владата за спроведување на медиумските реформи, посочиле на важноста од заедничко делување против лажните вести и зборувале за состојбите и можностите на унапредување на слободата на медиумите во земјите од Западен Балкан.

– Слободата на медиумите е недозволиво да остане само декларација запишана во законите и резолуциите. За да биде жива, автентична и секојдневна пракса, таа мора да произлегува и да биде дел од еден економски одржлив, независен и плуралистички медиумски сектор, кој опстојува во функционални држава во која владее правото како гаранција за автентична медиумска слобода – изјави Заев.

Тој додаде дека „трендот на ширење дезинформации е најголем поткопувач на демократските и реформскитеп процеси, како и на европеизацијата на регионот.“

– Таквите пара-информации учествуваат во поткопувањето на владеењето на правото и на политичката стабилност која, меѓу другото, не помалку влијае и на работата на новинарите. Лажните вести најчесто се наменети за да дискредитираат личности, да шират дезинформации, да предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор. Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпливост, се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација – додаде Заев.

Тој нагласи дека е застапник на концептот на саморегулација, односно медиумските професионалци се тие што треба да ги постават стандардите за самите себе си.

– Идеално би било граѓаните да развијат практика на следење на вести од различни извори и да бидат критични кон информациите кои ги консумираат. Но, не може да очекуваме секој граѓанин, што се информира од медиуми достапни на својот мобилен уред, да ја проверува информацијата пред да ја прифати како таква. Тоа е работа на регулаторните тела, и не помалку на медиумите, чиј што простор е директно узурпиран од таквата не само нелојална, туку и не етичка конкуренција – подвлече Заев кој ги повика на одговорност и јавните радиодифузни компании кои како што рече, мора да бидат тврдина на објективното и независно новинарство.