!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев – Бејли: Време е Владата да се фокусира на почнатите реформи


       
Скопје, 8 ноември, 2017 - 15:58 (META) 

Премиерот Зоран Заев и амбасадорот на САД, Џес Бејли, денеска разговараа за спроведените локални избори, за почнатите реформи и за безбедносните предизвици.

„Амбасадорот ѝ честиташе на земјата за успешниот изборен процес и препорача државните институции да ги имплементираат препораките на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР“, се вели во соопштението од владината прес-служба.

На средбата, Бејли истакнал дека сега е добро време и дека се создадени услови Владата да се фокусира поинтензивно на најавените и на почнатите реформски процеси, особено во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција на национално и на локално ниво.

Американскиот амбасадор истакнал дека Вашингтон е подготвен да ги поддржува своите партнери во справувањето со глобалните закани во зајакнувањето на капацитетите на институциите, како што е Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.

Заев истакнал дека победата на изборите и големиот број освоени градоначалнички места за коалицијата што ја предводел на изборите, во исто време е и голема одговорност и дека претстои период во кој освоената доверба ќе треба да се оправда. Тој истакнал дека инсистира на чесно, одговорно и отчетно спроведување на политиките на централната и на локалната власт и дека за сите отстапувања од овие принципи ќе следуваат реакции на институциите, кои треба да го спроведуваат законот еднакво за сите.

Премиерот нагласил дека по политичката криза и успешно спроведените избори, Владата целосно ќе се посвети на интензивирање на реформите за економски развој на земјата, како и на динамизирање на процесите за евроатлантските аспирации. Тој истакнал дека во спроведувањето на суштинските реформи, Владата ќе продолжи да се заложува тој процес да биде исклучително инклузивен и дека во овие активности очекува поактивно вклучување на опозицијата и на другите чинители.