This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Mon Nov 20 11:56:55 2017 / +0000 GMT

„За заедничка Македонија“: Иванов да не му го даде мандатот на Заев




Неколку илјади граѓани со патриотски песни и со транспаренти на кои беше испишано „Македонија на Македонците“, „Проклети да се предавниците“ и „Нашите предци ова парче го платиле со крв“, вечерва излегоа на улиците на Скопје, Прилеп, Кичево, Куманово и на Штип и се приклучија кон протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ организиран „поради прифаќањето на албанската платформа од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев“.

На протестот во Штип, како што јавува дописникот на „Мета“, учествуваа пратеници и членови на советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како и градоначалниците на Велес, Пехчево, Свети Николе и на Штип. Тие не сакаа да даваат изјави, туку накратко рекоа дека тука се во својство на граѓани. На собирот присуствуваа и граѓани од околните места. Тие побараа претседателот Ѓорге Иванов да не му го даде мандатот на Заев, а во спротивно ќе бараат да си поднесе оставка од претседателската функција.

Најмасовен беше собирот во Скопје, кој почна пред Влада на Република Македонија, а маршот заврши пред Собранието.

На протестот, на кој се виореа македонското и знамето со сонцето од Вергина, режисерот Борис Дамовски се заблагодари за големото присуство, порача дека ова е граѓански собир и апелираше да нема шовинистички и националистички извици.

- Не дозволувајте да не обојат како што сакаат, тука постојат само две бои, црвена и жолта. Обележете ја. Бараме, ние жителите на оваа држава, даночните обврзници на оваа држава, да се донесе земјата во ред. На било кои избори, без разлика кој за кого гласал и без разлика кој да дојде на власт, да ги почитува демократските избори и резултати, да нема математики – рече Дамовски.

Пред граѓаните се обратија поетот Сашко Кокулев и ликовниот уметник Коле Манев, кои побара партиите со граѓаните да подготват платформи за заедничка Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да не гласаат за редефинирање на Македонија, а претседателот Ѓорге Иванов да го почитува Уставот.