!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

За Вучиќ не е кривично дело што српскиот разузнавач бил во Собранието


       
Брисел, 25 мај, 2017 - 11:45 (META) 

Српскиот премиер Александар Вучиќ, по вчерашната неформална вечера на премиерите на земјите од Западен Балкан, на новинарско прашање за присуството на советник во српската амбасада во Скопје при насилствата во Собранието на 27 април, изјавил дека советникот не учествувал во кривично дело, ниту пак нешто организирал, јави агенцијата „Бета“.

Телевизијата „Телма“ завчера објави дека Горан Живаљевиќ, офицер на српската разузнавачка агенција БИА за време на нередите бил во Собранието.

Вучиќ одговарајќи на прашањето додал и дека некои од Македонија биле во Белград на протестите против него, нагласувајќи „Па што?“

-Не слушнав дека сторил какво било кривично дело и дека учествувал во организирање какво било кривично дело. Има повеќе лица што би можел веднаш да ви ги наведам… лица од Скопје, кои беа во Белград на демонстрациите против мене. Па што? Не сторија кривично дело, не сторија ништо – рекол Вучиќ.

Инаку, Живаљевиќ, кој влегол во пленарната сала на Собранието, каде беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, и таму се сликал, прашан од Телма што правел, рече дека бил на службена должност за да види дали во инцидентите учествуваат луѓе од Србија, навивачи или екстремисти.

Вучиќ за српските медиуми изјавил дека со мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев, имал коректен однос и дека Србија сака да има добри односи со Македонија. Лидерот на СДСМ во интервјуа за српски медиуми го нарече раководството на Србија „националистичко“.

– Заев беше коректен вечерва. Не сакам да зборувам за приватните односи. Сакаме да имаме добри односи со Македонија и ќе ги имаме – порача Вучиќ.