fbpx

За ВМРО-ДПМНЕ програмата на владата била „памфлет“ и „бајка“

-

Со остри расправии, реплики и со контрареплики помеѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ продолжи пладневниот дел од вториот ден од седницата во Собранието за избор на новата влада.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека програмата на владата предложена од мандатарот Зоран Заев е „обичен памфлет“ и „бајка“, дека изобилува со популистички ветувања во делот на економијата, како и тоа дека не победникот, туку победениот формира влада.

Од СДСМ возвратија дека во Македонија за 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ е направено уништување на државата, а пратеникот Петре Шилегов рече дека двете страни никогаш нема да се разберат бидејќи имаат различни системи на вредности. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ за време на своето владеење реализирало во целост само еден проект – „укради колку што можеш“.

– Многу е лесно да кажувате паушални програми. Единствен ваш проект беше „укради колку можеш повеќе“, тој го реализиравте во целост. Добро е за нас што не сме како вас, немаше да бидам во СДСМ ако личевме барем малку на вас – рече Шилегов.

Независниот пратеник Ферид Мухиќ, кој е дел од коалицијата на СДСМ, истакна дека најважната задача на новата влада и на новото Собрание е надминувањето на поделеноста во земјава и враќањето на довербата и на заемното почитување. Тој рече дека бил запрепастен од изјавата на колегата од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски дека Мухиќ и Мисовски биле виновни за упадот во Собранието на 27 април и обидот за убиство на пратеници, која ја нарече „апологија на најбрутално сценарио за линч на демократијата“.

На ова реплицираше Милошоски кој, обраќајќи му се на Мухиќ, рече дека причината за ескалацијата на ситуацијата во Собранието на 27 април не треба да ја трга настрана од последиците.

– Ние во ова Собрание ги познаваме колегите кои се довикувачи и кои се провокатори, но од вас како човек со бела коса и со професорска титула не очекувавме дека ќе влезете во една таква улога на прекршување на деловникот – рече Милошоски.

Пладевниот дел од денешната продолжение на седницата ја заврши пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија, која е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, која рече дека во економскиот дел од програмата на владата има многу популистички мерки кои нема да доведат до посакуваниот пораст на БДП од 5 отсто туку ќе предизвикаат поголема буџетска нерамнотежа, пораст на јавниот долг на 50 отсто од БДП и до зголемување на дефицитот.

Претседателот на Собранието, Џафери, околу 19 часот даде пауза и продолжението на седницата го закажа за 21 часот, по што се очекува и гласањето за новата влада, кое треба да се случи најдоцна до полноќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...