fbpx

За власта „Планот за чист воздух“ ќе донесе резултати, опозицијата му предвидува дебакл

-

Загадувањето на воздухот е проблем на сите и тој мора да се решава заеднички со низа мерки затоа што е проблем на цела заедница беше заклучокот на јавната расправа во Собранието за загадувањето на амбиенталниот воздух.

Дебатата започна со политички препукувања помеѓу власта и опозицијата, на што еко-активистите порачаа дека на граѓаните им е преку глава од меѓусебните обвинувања на надлежните и префрлање на топката.

Пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој е еден е од пратениците кои што ја иницираа јавната расправа, рече дека Македонија во 2018 година била најзагадена земја во Европа, според податоците кои вчера ги објави „Еуроњуз“.

– Тоа е констатирано и потврдено наспроти сите програми и ветувања на оваа власт. За потврда на ова доволно е да го вдишете скопскиот воздух. Планот за чист воздух на владата ќе доживее дебакл, ќе биде фијаско, ништо нема да се исполни. Налепниците за возилата се дискриминирачки и стигамтизирачки за граѓаните. Стотици луѓе нема да можат да одат на доктор, на работа, најсиромашните ќе бидат најпогодени. Скопје го има најнеспособниот градоначалник во историјата – рече Ѓорчев.

Податоците дека Македонија е најзагадена земја во Европа не се однесуваат на 2018 година туку на 2015 и 2016 година кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, го коригираше заменикот-министер за животна средина Јани Макрадули.

– Овој проблем може да се реши само заеднички. Популизмот и кревањето паника не помага. Дека е загадено е загадено, дека е штетно е штетно, но меѓусебните обвинувања не помагаат. Буџетот од 1,5 милиони евра за 2019 година не е доволен но со него може да се направи многу. Планот за чист воздух е реален и знам дека ќе донесе резултати – вели Макрадули.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов констатираше дека е лошо кога со политиканство се пристапува на ваков фундаментален проблем.

– Пратеникот Ѓорчев имаше неписмен говор без елементарно познавање на проблемот. Наследив запустен град, без стратегија и концепт за решавање на овој проблем. Град Скопје имаше тројца инспектори, но 19 обезбедувачи и 11 шофери. Сега со 18 инспектори го засиливме инспекцискиот надзор. Подготвуваме 12 кривични пријави за организирање на диви депонии, сериозно е намален бројот на отворени огнови, изготвуваме закон за комунална полиција. Стратешки погрешен беше пристапот со набавката на автобусите, а 90.000 стари возила се влезени во Македонија и сега го дишеме тоа – рече Шилегов.

Од еколошките организации велат дека буџетот од 1,5 милиони евра за 2019 година е несериозен и недоволен за процесот на решавање на овој проблем и дека е несразмерен во однос на висината на еколошките даноци кои ги плаќаат граѓаните.

Стојан Нешовски од „Еко свест“ вели дека од еколошките такси во 2015 година биле собрани 15 милиони евра. Според него, неопходно е да се донесе закон за енергетска ефикасност, да се воведе целосна забрана за греење на јаглен, пластика и масла, да се воведат најстроги мерки за градежништвото, построги казни и зачестени контроли.

– За поздравување е еко-налепницата во сообраќајот, но спроведувањето на мерката е погрешно. Треба да се започне со автобусите, такси возилата, транспортните возила – вели Нешовски.

Еко-активистиката Билјана Стојанова вели дека не треба да се стимулираат печки на пелети затоа што и пелетите се направени од дрво, а притоа нема информација со какви хемикалии се премачкани. Таа апелираше да се воведат субвенции за вградување на плин во автомобилите.

– И прекинете со препукувањата. Ни се смачивте и на нас и на граѓаните – апелираше таа.

Професорот Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје апелираше сите да почнат да ги менуваат навиките затоа што проблемот е на целата заедница.

– Помеѓу 30-35 отсто од смртните случаи во Македонија се последица на аерозагадувањето, а канцерогените заболување се повеќе се зголемуваат. Не очекуваме дека за 2 години ќе се намали 50 отсто од загадувањето. Не поставувајте таргети, ни треба прогрес – порача Ѓорѓев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...