За три месеци од Штип во странство се иселиле 48 основци


       
Штип, 5 декември, 2018 - 14:56 (META) 

Од почетокот на  учебната година до крајот на ноември, од основните училишта во Штип се испишале 48 ученици. Тоа значи дека секој втор ден во странство заминувал по еден ученик. Во истиот период, 12 ученици од средните училишта се испишале поради заминување во странство.

Податоците се базирани на исписниците од училиштата, во кои прецизно е наведена причината за отпишувањето.

За разлика од минатите години, кога се чекаше да се заврши училишната година, па се повлекуваа децата во земјите каде работат нивните родители, последните две години, децата се отпишуваат од училиште во кој било период од училишната година. Во основните училишта во Општината Штип, настава посетуваат над 4.000 ученици.

За разлика од Штип во Кочани за овие три месеци се испишале 18 ученици. Интересно е дека од кочанските училиштата си заминуваат и наставници. Работата за овие три месеци ја напуштиле четворица наставници.

Од останатите општини во регионот, од  делчевските училишта се отпишале 13 основци, но има и шест новозапишани ученици, додека во Македонска Каменица, каде изминатите години имаше значајно ислелување, од почетокот на учебната година си заминале само двајца ученици.