За СЈО, Уставен, Врховен и за Кривичен суд, новото собрание ќе биде судбинско


       
Скопје, 27 декември, 2016 - 11:32 (META) 

Периодот по конституирањето на новиот состав на Собранието на Република Македонија, за кое крајниот рок е 31 декември, ќе биде нова реалност за Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и за најважните судови во земјава – Врховниот, скопскиот Кривичен и Уставниот суд, кои тешките прашања ги оставија за решавање по изборите.

Новата постизборна реалност, која првите црти од својот лик ќе почне да ги добива со формирањето на Собранието, ќе го означи патот по кој треба да се одвиваат чекорите и реформите за излез од политичката криза, а на кои се обврзаа потписниците на Договорот од Пржино и на неговиот анекс – Договорот од 20 јули.

СЈО

Специјалното јавно обвинителство од новото Собрание очекува да ги донесе измените на Законот за СЈО, со кои на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и на нејзиниот тим ќе им биде продолжен мандадот за истраги и за поднесување обвиненија за случите поврзани и кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Според актуелниот Закон, со кој е уредено постоењето и функционирањето на СЈО, Јанева има само уште пет месеци за почнување нови истраги и за поднесување обвиненија.

СЈО од Собрнието повторно ќе побара измени и на Законот за заштита на сведоци, кои како што неколкупати изјавија оттаму, им се потребни за непречено водење на дел од истрагите. СЈО измените на овие два закони ги бараше и од претходниот собраниски состав, но нивното усвојување беше блокирано од големото мнозинство на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во текот на изборната кампања изјави дека тој што бара да се пролонгира работата на СЈО, се залага за пролонгирање на политичката криза и нема добри намери за државата.

Неговиот опонент, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и другите кандидати на опозициската партија, пак, најавија дека по изборите ќе се залагаат за продолжување на мандатот на СЈО, но и за формирање на специјално судско одделение, кое ќе ги процесуира предметите на Јанева.

Уставен суд 

Од Уставниот суд по Нова година се очекува да се изјасни по иницијативата за оценка на уставноста и на законитоста на Законот за СЈО. Оваа иницијатива повеќе од една година се наоѓа во фиоките на Уставниот суд, но и покрај бројните повици од невладниот сектор и од опозицијата, досега не се најде на дневен ред на судот, а не и ниту на седницата закажана за денеска. Уставниот суд по изборите има закажано една седница – денешната, а следната ќе биде по Нова година, кога веќе треба да имаме конституирано Собрание.

Обврски околу иницијативата за Законот за СЈО имаат и четирите партии потписнички на Договорот од 20 јули.

Во договорот стои дека „во случај Уставниот суд да донесе одлука дека законот за СЈО или дел од него не се уставни, четирите партии се обврзуваат да го прилагодат законодавството со одлуката на судот и повторно да го основаат СЈО според одлуката, во рок од пет дена“, како и тоа дека „четирите партии го повикуваат Уставниот суд да донесе одлука за законот за СЈО што е можно поскоро, на следната можна седница“.

Кривичен и Врховен суд

По Нова година треба да бидат избрани новите претседатели на Врховниот и на Основниот суд Скопје 1. Ова минатата недела го потврди и Зоран Караџовски, претседател на Судскиот совет, кој го врши изборот на претседатели на судовите. Иако процедурата за нивниот избор почна во ноември, прашањето за тоа кој ќе ги раководи двата најважни судови во земјава беше оставено за по изборите, односно по Нова година.

Кандидати за нов претседател на Основниот суд Скопје се досегашниот претседател на судот, Владимир Панчевски (чиј мандат истече на 4 декември, н.з.), и судиите Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ, додека за претседателското место во највисокиот суд во државата неофицијално кандидатури поднесоа досегашната претседателка Лидија Неделкова (мандатот ѝ истече на 4 декември, н.з.), поранешниот претседател на судот, Јово Вангеловски, судијката Снежана Бајлозова (која сега е в.д. претседател) и нејзината колешка од Врховниот суд, судијката Беса Адеми.