fbpx

За секоја криза има влада

-

Техничка, технократска, коалициска, концентрациона, привремена или преодна – за секоја криза има соодветна влада која е испробана во светот, а во мал дел и кај нас.

Веднаш по предвремените парламентарни избори, кои се одржаа во април 2014 година, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, излезе со пет барања, меѓу кои и тоа за формирање техничка влада што би создала услови за нови избори.

По објавувањето на аферата за прислушување, СДСМ ги замени овие и постави нов услов: политичка разврска на политичката криза.

Тие не изнесуваат детаљи за тоа што подразбираат под „политичка разврска“, но во јавноста сè погласно се зборува за некој тип влада што би ги изменаџирала кризните моменти и би создала услови за нови избори.

Засега актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ решително и категорично ги отфрла сите предлози, па дури и размислувања за нешто такво и инсистира дека власта и Владата во земјата единствено се менува и се добива на општи избори.

Сè друго, за партијата на власт, е нелегитимно и рамно на неуставен преврат, односно пуч.

Во светот постојат повеќе испробани модели на влади кои менаџирале кризи.

  • Техничка влада. Овој збор најчесто се употребува за преодна или привремена влада. Според политиколозите, тоа се влади што не добиле мандат на избори, туку биле назначени со согласност на главните политички сили во една земја. Можно е оваа влада да биде формирана и со посредство на меѓународната заедница. Во нејзиниот состав има експерти кои не се поврзани со партија и кои би имале една цел – да ги организираат следните избори.
  • Технократска влада. Ова е форма на влада во која се вклучени инженери, научници, здравствени професионалци и други технички експерти, кои треба да носат одлуки во нивните соодветни области. Технократите се разликуваат од „еконократите“ и од „бирократите“ според начинот на размислување и на приоѓање кон решавањето на некој проблем. И ваква влада трае сè додека не се спроведат нови избори. Владата на Никола Кљусев од 1991 – 1992 година беше нарекувана „експертска влада“.
  • Коалициска влада. Ова е влада на парламентарното мнозинство или влада за која гласаат сите парламентарни партии. Вообичаената причина за овој аранжман е тоа што ниту една партија не може да постигне мнозинство во парламентот. Оваа влада може да се формира и при кризи, кога се бара заедничка одговорност од сите политички чинители. Коалициска влада, исто така, може да се создаде во време на национална тешкотија, на пример, за време на војна или економска криза. Со тоа владата има висок степен на одговорност и ќе влијае во намалувањето на внатрешните политички расправии. Овие влади се познати и под името влада на национално единство, голема коалиција. Кај нас таква беше, на пример, „Владата на широка коалиција за спас на Македонија“ формирана во мај 2001 година, во која влезе и СДСМ, кој есента истата година се повлече.
  • Концентрациона влада. Поимот концентрациона влада може да изгледа многу нејасен и необичен, затоа што тие обично се формираат во посебни услови. Тоа се обично елементарни непогоди, вонредни или воени состојби. Во таа влада треба да учествуваат сите парламентарни партии кои би пробале да ја решат кризата. Ваквата влада би имала единствена задача да го подготви демократскиот амбиент за слободни избори.
  • Привремена влада. Или чувар-влада. Може да се формира кога владата во парламентарниот систем е поразена со иницијативата за недоверба или во случај кога владата поднесува оставка. Оваа влада продолжува да работи во периодот по распуштањето на парламентот, ги подготвува новите избори и функционира до формирањето нова влада.
  • Преодна влада. Ова влада се формира привремено за да го подготви патот за постојана влада. На пример, кога беше соборен Садам Хусеин во Ирак, Американците формира преодна влада во земјата за да го надгледува создавањето на новиот устав и да создаде услови за одржување избори. Вакви влади се познати и во светот иако поретко тоа се случува во Европа. Последен пример на преодни или технократски влади беа формирани во некои европски земји (Италија, Грција) за да ја пребродат економската криза.

Во Грција, по крајот на диктатурата, речиси три децении владееја партиски влади и тоа составени од двете традиционално најголеми партии во државата, Нова демократија и ПАСОК. Концептот на коалициска влада беше непознат за Грција. Меѓутоа, ескалацијата на финансиската криза, големите политички превирања, народниот гнев, губењето доверба во политичките партии и несогласувањето со мерките за штедење, полека почнаа да ги менуваат работите. Во ноември 2011 година, Јоргос Папандреу беше истиснат од власта и беше формирана првата преодна влада меѓу Нова демократија и ПАСОК, со поддршка од ултра-десничарската ЛАОС. Единствената цел на оваа влада, составена, главно, од поранешни министри и технократи од Нова демократија и од ПАСОК, беше да се извршат грчките обврски за да се ратификува договорот од Самитот на ЕУ во октомври 2011 година за да биде одобрена нова финансиска помош за Грција и кратење од 100 милијарди од грчкиот државен долг. Оваа влада имаше рок на траење од неколку месеци и јасна цел – само да ги заврши обврските за да ѝ загарантира на Грција финансиска стабилност во ЕУ, да ја избегне опасноста од банкрот и да ја одведе до избори.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...