fbpx

 За приход од 100.000 денари ќе се плаќа данок од 10.800 денари

-

Не стивнуваат реакциите од бизнис-секторот, но и од граѓаните кои имаат поголеми месечни приходи по најавата на Владата дека од 1 јануари 2019 стапува на сила нов закон за данок на личен доход со кој се укинува рамниот данок и се воведува прогресивно оданочување. Даночните промени предизвикаа и повеќе дилеми околу износот и начинот на плаќање на даноците за личен доход.

Според новата регулатива, доколку даночната основа на поединечна исплата по некој од основите кој се даночи со прогресивни стапки го надминува прагот од 90.000 денари, за делот над 90.000 ќе се плати данок по повисоката стапка од 18 отсто уште во моментот на исплатата. На пример, доколку се исплаќа надоместок по основ на договор за дело од 100.000 денари, исплатувачот ќе треба да плати вкупен данок од 10.800 денари (10 отсто односно 9.000 денари за делот што е до 90.000 денари и 18 отсто односно 1.800 денари за делот што го надминува прагот од 90.000 денари).

На крајот на годината, со годишната даночна пријава ќе се врши пребивање помеѓу вкупниот доход што го остварило едно лице и вкупниот данок што бил платен, и доколку постои разлика помеѓу платениот данок и данокот што треба да се плати за остварениот доход, на лицето ќе му се врати повеќе платениот данок, или пак лицето ќе треба да доплати.

На пример, доколку на лицето од горниот пример тие 100.000 денари му се единствениот доход во годината, на него ќе му бидат вратени 800 денари, затоа што 100.000 денари на годишно ниво е под годишниот праг од 1.080.000 денари за повисоката стапка од 18 отсто.

„За да можат граѓаните навремено и прецизно да следат колку доход имаат остварено во текот на годината, колку данок имаат платено, колку данок треба да доплатат или да им се врати, а со тоа и соодветно да си планираат, ќе се изработи онлајн сервис преку кој граѓаните во кое било време ќе можат да ги добијат сите овие информации, и преку кој ќе можат предвреме да доплатат даночен долг“, информираа од Министерството за финансии.

Најавата на Владата ги фати неподготвени работодавачите и работниците со оглед на тоа што промената се најавува само два месеци пред да стапи на сила и на крајот на годината кога компаниите веќе ги имаат подготвено финансиските планови за 2019 година. Речиси сите стопански комори реагираа, а некои од нив побараа одложување на примената на прогресивниот данок за пет години. Реагираа и вработените во компаниите од софтвреската индустрија со образложение дека тие не се најбогатиот слој граѓани за кои власта тврди дека е наменета новата даночна реформа.

Од друга страна, од Министерството за финансии тврдат дека директно зголемување на даноците ќе има само за 38.000 лица, а кај 453.000 лица ќе има намалување на ефектвната даночна стапка.

„За најголем дел од популацијата новата ефективна даночна стапка е пониска од моменталната, додека позначајно зголемување има единствено кај најдоходовните 1 отсто. За најдоходовните 1 отсто од населението, зголемувањето на ефективната даночна стапка изнесува 4 процентни поени, додека за групата под тоа, зголемувањето е 0,6 процентни поени“, соопшти Министерството за финансии.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...