fbpx

За лажни вести, Германија планира казна и до 50 милиони евра

-

Германската влада одобри казни кои се движат и до 50 милиони евра за социјалните мрежи што не реагираат и не ги отстрануваат спорните содржини, „лажните вести“ и говорот на омраза.

– Злосторствата од омраза против кои не се борат на ефикасен начин претставуваат голема опасност за отвореното, слободно и демократско општество – соопшти владата.

Како што јавуваат светските агенции, казните се предвидени за интернет-платформите како што е „Фејсбук“ и ќе се изрекуваат доколку таквите „веб-страници не реагираат доволно брзо и ефикасно на проблематичната содржина“.

Станува збор за законско решение со кое германските власти се обидуваат да ги „дисциплинираат“ компаниите што управуваат со социјалните мрежи и да ги принудат да ги применуваат германските закони кои се однесуваат на злосторство од омраза и на другите спорни прашања.

„Блумберг“ наведува дека новиот закон ги принудува компаниите да им дадат можност на корисниците да ги означат спорните содржини, но и на социјалните мрежи да ги бришат таквите содржини доколку се утврди дека станува збор за детска порнографија, поттикнување тероризам, злосторство од омраза или „лажни вести“.

– Тие што даваат услуги се одговорни кога нивните платформи се злоупотребуваат за промовирање злосторства од омраза и лажни вести. Целта е социјалните мрежи да ги спроведуваат постојните германски закони за нелегалната содржина и тоа брзо и ефикасно да се имплементираат – соопшти германскиот министер за правда, Хеико Мас.

Тој наведе дека е неопходно мрежите во борбата против злосторствата од омраза и лажните вести да се подигнат на европско ниво за да бидат поефикасни, особено зашто со ова прашање наскоро ќе се позанимава и Европската Унија.

Исто така, законските решенија предвидуваат и индивидуална одговорност, па директорите на компаниите ризикуваат казни и до пет милиони евра доколку не ги почитуваат мерките.

Законот сега треба да биде одобрен од Бундестагот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...