За девет месеци во тетовско изречени 3.584 казни за брзо возење


       
Тетово, 12 октомври, 2018 - 11:57 (META) 

Во изминатите девет месеци од годинава, на поширокото тетовско подрачје откриени и соодветно санкционирани се 3.584 сообраќајни прекршоци. Се работи за пречекорувања на максимално дозволената брзина, информираат од Секторот за внатрешни работи Тетово.

Според податоците, 1.096 од нив биле во населено, а 2.358 надвор од населено место. Прекршоците биле направени од патнички моторни возила, додека вкупната бројка на пречекорувања во овој период од товарни возила изнесувала 130.

СВР Тетово информира дека констатираните прекршоци се заокружени со соодветни поднесоци и со 1.511 времени забрани за управување на патничките и 68 на товарните возила, во времетраење од три месеци до една година.

Секторот за внатрешни работи Тетово продолжува со контролни активности за брзината со која се движат возилата, бидејќи неприлагодената брзина според условите на патот и оваа година е најчестата причина за сообраќајни несреќи во тетовско, истакнуваат од СВР Тетово.