fbpx

За да помине платформата на Албанците, треба двотретинско мнозинство во Собранието

-

Политичките партии од албанскиот блок, ДУИ, Движење Беса и Алијанса за Албанците, на 7 јануари соопштија дека усвоиле заедничка платформа која ќе биде нивна основа во преговите за формирањето на новата влада. Сепак, и во случај нивните барања опфатени во платформата да бидат прифатени од некоја од двете партии од македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, за нивно спроведување на дело, Уставот на државата налага владината коалиција да има двотретинско мнозинство во Собранието.

На предвремените парламентарни избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, коалицијата предводена од СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратенички места.

Под претпоставка дека трите албански партии што стојат зад платформата ќе влезат во идна владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш нивните барања би ја имале поддршката на вкупно 69 пратеници или најмногу на 71, доколку во комбинација влезат и двата пратеника на ДПА. Ако коалицираат, пак, со СДСМ, ваквата влада во Собранието би имала мнозинство од 67 пратеници, а најмногу 69, со двата пратеници од ДПА.

Сумирано, без мнозинство од 81 пратеник, односно широка коалиција на сите партии кои имаат пратеници во Собранието, имплементацијата на сите точки од заедничката платформа на ДУИ, Беса и на Алијанса за Албанците е невозможна.

Платформата се состои од седум главни точки во кои, меѓу другото, се наведени и следните предлози, односно цели:

  • Албанците да се сметаат како државотворна нација;
  • Употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта;
  • Уставот на РМ да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија“;
  • Сеопфатна дебата за знамето, химната и за државниот грб за „државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност“;
  • Усвојување на резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 година;
  • Формирање државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините;
  • Правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата;
  • Правична застапеност во сите нивоа на централната власт, како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции;
  • Целосно расчистување на прашањата и судските постапки како „Сопот“, „Бродец“, „Монструм“ и „Куманово“ преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган;
  • Решавање на спорот за името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право;
  • Усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи во решавањето на спорот за името;
  • Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција;
  • Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија;
  • Соработка со Косово и со Албанија за интегрирано гранично управување;
  • Отворање на нови гранични премини;
  • Исполнувањето на овие цели ќе се следи преку организирање тркалезна маса на албанските парламентарни партии во согласност со принципот на ротација, која ќе служи како платформа за усогласување на политичкото дејствување и транспарентна комуникација со меѓународните партнери на Македонија.

А, инаку, еве за што, според Уставот, е потребно двотретинско мнозинство во Собранието:

  • Грбот, знамето и химната на Република Македонија се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Одлука за менување на границата на Република Македонија;
  • Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Одземањето мандат на пратеник го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Утврдување одговорност на претседателот на Републиката (член 87: Утврдување одговорност поведува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот);
  • Организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија;
  • Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници;
  • Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена;

Двотретинско мнозинство е потребно и за која било интервенција во Законот за Специјално јавно обвинителство.

На почетокот на декември 2014 година, Владата усвои нацрт- закон за нов државен грб. По ова требаше да следува јавна расправа, која никогаш не се одржа. Според иницијативата, предлогот за државен грб на Македонија беше црвен лав во златно-жолт штит со круна во горниот дел, како и мурална круна во облик на тврдина.

Со почетокот на објавувањето на прислушуваните разговори, односно т.н. „бомби“, од страна на СДСМ во февруари 2015 година, процесот за промена на државниот грб, како и неколку други проекти, остана недовршен и отиде во заборав.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...