За четири дена двајца починати од мали сипаници во Србија


       
Белград, 6 март, 2018 - 11:05 (META) 

Четириесетгодишно лице, чиј пол не е соопштен, починало од компликации предизвикани од морбили, односно мали сипаници, и со тоа стана осма жртва на епидемијата на мали сипаници во Србија.

Лицето било од Белград, а починало на Клиниката за инфективни и тропски болести во Белград, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија „Др. Милан Јовановиќ – Батут“. Претходниот смртен случај беше во петокот, кога почина здравствена работничка од Институтот за ревматологија во Белград.

Од почетокот на октомври минатата година заклучно со вчера на територијата на Србија, како и на делот на Косово што гравитира околу Косовска Митровица се регистрирани 3.123 случаи на мали сипаници. Најмалиот пациент е бебе старо 15 дена, а најстариот е на 70-годишна возраст. Сепак, најголемиот број заболени се во групите на помлади од пет години и постари од 30 години.

Според српските медиуми, најголемиот дел заболени, односно 95 отсто од нив се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со неутврден вакцинален статус.