!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вучиќ во Москва ќе разговара за набавка на борбени авиони и на противавионски системи


       
Белград, 19 декември, 2016 - 15:02 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека за време на неговата претстојна посета на Москва ќе разговара и за набавка на шест борбени авиони од типот „миг 29“, како и на протиавионски системи „бук“, за потребите на војската на Србија.

Вучиќ, кој на 21 декември ќе престојување во Москва, изјави дека Србија од Русија добила „многу добра цена“ за најсовремените ракети воздух – воздух.

Според српскиот премиер, Србија како воено неутрална земја, со набавката на авионите и на противавионските системи сака да ја осигури безбедноста на своите граѓани.

„Нашата доктрина е да го заштитиме нашиот народ и меѓународно признаените граници. Во услови на сè поголеми опасности, моравме да размислуваме како да ја унапредиме нашата борбена готовност“, вели Вучиќ.

Прашан дали договорот за набавка на авионите под пазарната цена оди заедно со договор за статусот на Рускиот хуманитарен центар во Ниш, Вучиќ рече дека регулирањето на статусот на центарот е „прашање за кое треба да одлучи владата на Србија, а не ценовник“.

„Не го ставам тоа прашање на маса во Москва и не мислам дека тоа е тема на нашите разговори“, рече Вучиќ.

Инаку, Русија сака Србија на персоналот во хуманитарниот центар во Ниш да му даде дипломатски статус, каков што имаат и војниците на НАТО.