!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вучиќ: Неморални се етикетирањата и нападите на чии било деца од протестите


       
Белград, 13 април, 2017 - 13:47 (META) 

Актуелниот премиер и избран претседател на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека ги осудува етикетирањето и нападите на деца на новинари и на партиски функционери поради нивното учество на „протестите против диктатурата“ во Белград, додавјќи дека никој не ги прогласил за непријатели.

„Кој и да напаѓа чии било деца, мислам дека тоа е неморално и нефер“, изјави Вучиќ пред новинарите во Белград.

Инаку, шефот на пратеничката група на владејачката Српска напредна странка, односно партијата на Вучиќ,  Александар Мартиновиќ, претходно на Радиотелевизија на Србија (РТС) и во собранието, покажуваше фотографии од учесници на протестите против власта, меѓу кои и фотографии од деца на новинари и на политичари од опозицијата, што предзивика бурни реакции кај новинарските здруженија и кај дел од јавноста, кои ваквиот потег го оценија како „цртање мета на чело“.

Повеќе новинарски и медиумски здруженија го повикаа српското обвинителство да утврди дали во случајот има елементи на кривично дело. Покрај деца на новинари, на фотографиите што ги покажуваше Мартиновиќ имаше и новинари, политичари од опозицијата и службеници во амбасади.

Во Белград и во повеќе градови во Србија илјадници граѓани, најмногу млади, секојдневно учествуваат во протестите против Вучиќ и власта во земјата.