Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, и неговиот српски колега, Александар Вучиќ, телефонски разговарале за мигрантската криза и за безбедноста во регионот, објави кабинетот на српскиот премиер.
Тие ја нагласиле потребата од зголемување на билатерална комуникација и на соработката за подобрување на безбедноста и мирот на граѓаните на двете земји.
Кабинетот на Вучиќ соопшти дека други теми на разговор помеѓу премиерите биле соработката во енергетиката и градењето гасовод помеѓу Србија и Бугарија.
Во последните пет дена бил зголемен бегалскиот притисок од Бугарија и од Македонија во Србија. За време на овој период, 1.044 мигранти се обиделе илегално да ја преминат српската граница. Од воспоставувањето на заедничките полициски и воени тимови на 22 јули, во Србија 6.470 мигранти се обиделе нелегално да ја преминат границата. За време на овој период, биле фатени и 45 шверцери.