fbpx

Врховен ја укина пресудата против Костовски за шпионажа, а ја потврди за прислушувањето

-

Врховниот суд ја укина пресудата на Основниот суд Скопје 1 со која Звонко Костовски беше осуден за шпионажа во случајот „Пуч“ и предметот во овој дел го враќа на повторно судење во првостепениот суд. Истовремено Врховниот суд ја потврдил одлуката на Кривичниот суд за делото неовластено прислушување и тонско снимање, за што Костовски доби една година затвор.

Костовски, кој е поранешен главен опретивен техничар во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК)  беше единствениот осуден во случајот „Пуч“ од 2015 година, каде меѓу обвинетите беа поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски и актуелниот премиер Зоран Заев, тогашен лидер на опозицијата.

Тој беше осуден на три години затвор, откако ги призна делата и склучи спогодба со Основното јавно обвинителство.

Пресудата Врховниот суд ја донел на почетокот на месецов, а се однесува на барањето за заштита на законитоста што го поднесе Специјалното јавно обвинителство за што кон средината на септември, оваа година беше одржана и седница во судот, на која обвинителките на СЈО Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска ги образложија аргументите зошто бараат укинување на пресудата на Костовски.

Врховен утврдил дека  пресудата на Кривичниот суд  против Костовски за шпионажа е нејасна и противречна, бидејќи тој бил осуден дека му помагал на Зоран Верушевски во шпионирањето, без претходно да има правосилна пресуда против Верушевски дека го сторил кривичното дело.

„Во конкретниот случај обвинетиот З.В. не бил огласен виновен за кривично дело – шпионажа што е предуслов за утврдување на кривичната одговорност на обвинетиот З.К., како помагач во извршувањето на кривичното дело. Во време на донесување на оспорената пресуда, предметот против обвинетиот З.В. за кривичното дело – шпионажа бил во фаза на истрага, што согласно начелото на пресумпција на невиност подразбира дека тој е невин се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда. Од изнесените причини, Врховниот суд на Република Македонија најде дека со пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје од 25.02.2015 година, сторена е повреда на законот… поради што ги уважи наводите изнесени во барањето за заштита на законитоста со кои се оспорува кривичната одговорност на обвинетиот за ова кривично дело“, стои во пресудата на Врховниот суд, објавена вчера на веб-страницата „Суд.мк“.

За кривичното дело „неовластено прислушување и тонско снимање“ Врховниот суд не нашол дека е направена повреда на Законот за кривична постапка.

Во пресудата како дополнителен аргумент во овој контекст се наведува дека на седницата одржана по барањето за заштита на законистоста од СЈО, јавниот обвинител истакнал дека има дволно докази дека Костовски бил дел од „злосторничкото здружение“ што го вршело незаконското прислушување, но не бил гонет од СЈО бидејќи е сведок во постапката против останатите членови од групата.

„На седницата одржана по повод поднесеното барање за заштита на законитоста, јавниот обвинител истакна дека има доволно докази дека обвинетиот З.К. бил припадник на злосторничкото здружение, детално опишувајќи ги неговите дејствија и неговата улога и придонес во целокупниот процес на прислушкување. Дека тој како главен оперативен техничар во Управата за безбедност и контраразузнавање, со своето техничко знаење им овозможил на останатите припадници на злосторничкото здружение да пристапат кон незаконско следење на комуникациите и на лица кои не се маркирачи им овозможил да маркираат телефонски броеви и креирал паралелна структура во која биле складирани сите незаконски следени комуникации. Причината поради која не е кривично гонет од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за ваквите незаконски дејствија, е затоа што тој добил својство на сведок во постапката, бидејќи неговиот исказ бил од особено значење за откривање на останатите сторители на кривичните дела“, стои во пресудата на Врховниот суд.

Инаку, СЈО неколку месеци откако ја презеде надлежноста го повлече обвинителниот акт за случајот „Пуч“ бидејќи „фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои тие располагаат“ и со наодите на обвинителството во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

На 29 јуни, оваа година СЈО подигна обвиненија за овие два случаи, во кои првообвинетите за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и екс началникот на петтата управа, Горан Грујовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...