Огласи за вработување на над 200 лица беа објавени од двете железнички претпријатија во изминативе шест месеци. И покрај тоа што се натрупани во долгови, на двете компании за железнички транспорт и инфраструктура им се неопходни нови работници. Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета“ велат дека пензионирањето на поголем број вработени довело до недостиг на стручен кадар во организацијата на сообраќајот и редовното сервисирање на возните средства.

Со огласот од крајот на минатата година се бараше вработување на 118 нови лица, додека во јануари годинава се објави дополнителен оглас за оние работни позиции што останаа непополнети со првичниот оглас. Во железничката транспортна компанија се вработија лица на неколку работни места, вклучувајќи инженери, референти, диспечери, хигиеничари, помошници машиновозачи, машино бравари, електричари, механичари, возоводители, маневристи и други позиции.

– Примените работници се 90% во службите кои директно се ангажирани за организација и исполнување на патничкиот и товарниот сообраќај – потенцираат за „Мета“ од Железниците на РСМ – Транспорт.

Од 1.230 вработени во минатото, во Железниците на РСМ – Транспорт на крајот од 2018 година работеле само 900 лица. Од овие причини, морало да се објави оглас за вработување на млад кадар.

Идентично како кај транспортот, од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на РСМ“ нагласуваат дека природниот одлив на луѓе допринел да се намали бројот на вработени од 1.600 на само 1.040. Од овие причини, посочува директорот на ЈП за железничка инфраструктура Ирфан Асани, неопходно е да се прими технички кадар. Во ова претпријатие веќе се примени 30 луѓе. Со мораториумот за вработување поради претстојните претседателски избори се опфатени 25 работни позиции, за кои се распиша оглас пред изборите. Целокупната постапка за вработување ќе се доврши по изборот на нов претседател на земјава.

– Остануваат уште околу 40 други што би требало да ги примиме – посочува директорот Ирфан Асани, дополнувајќи дека за овие вработувања треба допрва да се објави оглас после претседателските избори.

Само од почетокот на годинава, ЈП за железничка инфраструктура „Железници на РСМ“ преку пет огласи побара нов кадар од различен профил, и тоа од возачи на патничко возило, курир и помлади референти до отправници на возови, инженери, ракувачи на машини, механичари и чистачи. Дел од објавените огласи на оваа државна компанија се повторување на оние работни позиции што останале непополнети од претходно.

Сите огласи за вработување во двете железнички претпријатија се објавени пред распишувањето на претседателските избори. И покрај ова, јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на РСМ“ деновиве соопшти дека сите постапки за вработување се ставени во мирување на неодредено време по добиеното задолжение од владата во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.