!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вработен во Општина Велес им се заканувал на Заев и на Бејли со бесење


       
Велес, 6 ноември, 2017 - 14:36 (META) 

Новоизбраниот градоначалник на општината, Аце Коцевски  денеска на прес-конференција  обвини дека пратеникот Илија Димовски има личен возач кој бил вработен во Општината и притоа го оштетил буџетот за голема сума пари.

Според пресметките на Коцевски, вкупните долгови на Општина Велес изнесуваат 169.197.606 денари или 2.751.180 евра.

Коцевски истакна дека постојат индиции дека двајца вработени во општинската администрација на 27 април учествувале во крвавиот инцидент во Собранието и додаде дека ќе бидат поведени соодветни постапки доколку се докаже дека тоа е точно.

Меѓу другото, за време на мандатот на претходниот градоначалник Славчо Чадиев, констатирана била превработеност во општинската администрација и работење во корист на политичка партија во работно време, со што биле направени сериозни кривични дела.

– Вработен испраќал екстремни и насилнички пораки како, на пример, „Поздравете си го лидерот од Муртино и тој што пушта паричиња од амбасадата, ама пред да биде Велес двојазичен, и нив и вас ќе ве бесиме на сред маало“… И јас треба сега да работам со оваа личност? – запраша Коцевски.

Сегашниот градоначалник истакна дека општинската зграда и неколку училишта имаат сериозни проблеми со греењето. Училиштата не набавиле дрва затоа што сметките им се блокирани и навреме не поднеле тендерска документација.

– Питијадата досега ги чини граѓаните на Велес 7.101.642 денари. Тоа е преголема сума и со тие пари во сиромашна општина може да се направат многу поважни работи отколку да се потрошат на забава. Мојот став е догодина оваа манифестација да продолжи само доколку нејзината организација ја прифати Стопанската комора, а Општина Велес да биде поддржувач – додаде Коцевски.