Голем број бугарски медиуми во понеделникот, на денот на одбележувањето на Божик во Македонија излегоа со потсетување на, како што велат, „Крвавиот Божик“ од 7 јануари 1945 година, кога на територијата на сегашна Република Македонија, а тогашна Демократска Федерална Македонија, биле убиени „1.200 Бугари“.

За илустрација ќе го земеме текстот објавен од faktor.bg, каде покрај ова тврдење се зборува за многу поголема бројка убиени Бугари во периодот што следува:

На 7 јануари 1945 година, по наредба на крвавиот диктатор Тито, кој е Хрват по потекло, и список, составен од Лазар Колишевски, во Вардарска Македонија се убиени без суд и пресуда, 1.200 Бугари. Целта била да се избрише бугарското самосознание и да се забрза процесот на македонизација на населението. Само во првиот ден на Коледа – 7 јануари (во Македонија Коледа се нарекува Божик и се чествува според јулијанскиот календар) во Скопје се убиени 63 луѓе, во Велес – 54, во Куманово – 48, во Битола – 36, во Штип – 77, во Прилеп – 35, крај селото Владимирово, Беровско – 330 луѓе, а телата на убиените во Велес за закопани зад црквата „Свети Спас“ и кај Пуста Кула.

Во „Фактор.бг“ се наведува и дека „во следните неколку седмици во Охридско и Преспанско биле убивани цели семејства, по што телата им биле фрлани во Охридско Езеро и Преспанско Езеро или по падините на планината Галичица кај селото Отешево“:

Утврдено е убивањето на над 23.000 што се изјасниле како Бугари, а други 130.000 Бугари биле иселени, прогонети или испраќани во концентрациониот логор „Голи Оток“ или затворот „Идризово“.

Иако е несомнено дека некои од убиените, затвораните и прогонетите се чуствувале како Бугари, во отсуството на некаква документација што би ја потврдила толку големата бројка убиени во период од само неколку дена или седмици (на пример, во Владимирово и ден-денес никој не зборува ниту за 30, а камоли 300 убиени во само еден ден). Интересно е што во таа бројка што ја изнесуваат бугарските медиуми се внесени и офицери и војници што одбиле да одат на Сремскиот фронт бидејќи сакале да одат да го освојуваат Солун. Иако за речиси сите од нив биле изречени смртни пресуди, но тие не биле убиени, туку смртните пресуди биле потоа поништени.

Дополнително, од она што го утврди македонската историографија, но и искази за медиумите  давани по настапувањето на плурализмот на некои од затвораните, голем број од убиваните и затвораните биле цврсти заговорници на идејата за независна и голема Македонија, а голем број биле и помагачи на партизанското движење, како што е случајот со убиениот велешки лекар Богдан Поп Ѓорчев.

Несомнено е и дека, како што утврди македонската историографија по падот на социјализмот во 1991 година, дека голем број од убиваните и прогонуваните биле идеолошки противници на новата власт, односно биле само антикомунисти, а нивните имоти и богатства веднаш по егзекуциите и интернациите биле доделувани на новото раководство, што создава доволно сомнеж дека станувало збор за најгруба злоупотреба на власт и убивање преку набедување само заради лесно стекнување туѓ тешко спечален имот.

Дополнително, претседателот на двете заседанија на АСНОМ и прв претседател на Народното собрание на Македонија, Методија Андонов – Ченто, бил прогонуван и затворен но поради македонски национализам и идеи за независна Македонија. Нешто за што бил затворан и во Кралството СХС и при бугарската окупација.

Дополнително, како што несомнено потврдуваат и голем број од преживеаните затвореници од средината на 20. век во Идризово и интернираните во Голи Оток, нивни „цимери“ покрај неколкумина Бугари по убедување, биле голем број  комунисти по убедување, но поддржувачи на резолуцијата на Информбирото за Југославија во 1948 година, со кои тогашната власт безмилосно се пресметува.