Во затворот во Штип отворено детско катче за посетите на децата на затворениците


       
Штип, 21 септември, 2018 - 13:40 (META) 

Кога осуденик кој е родител заминува во затвор, казната е изречена кон него, но неговите деца се колатерална штета на таа казна. Отсуствува родителската и материјалната грижа, создава трауми и страв, што дополнително го проблематизира детскиот живот. Ова е оценката на психологот Мавродиј Карпичаров, кој во затворот во Штип го раководи секторот за ресоцијализација.

Денеска во штипскиот затвор беше отворено детско катче, опремена детска соба, каде затворениците ќе можат да го поминат времето кога нивните деца ќе дојдат да ги посетат. Карпичаров проценува дека во прашање се меѓу 3.500 – 4.000 деца во Македонија, чии родители издржуваат казна затвор.

– Огромен е бројот на сведоштва на сега возрасни луѓе со трауматични сеќавања од посетата на самиот затвор, кои остануваат во текот на нивниот развој. Сето тоа влијае и врз емоционалниот и врз социјалниот развој на децата – оценува Карпичаров.

Поради тоа, штипскиот затвор изминатиот период работел на опремување на соба, која по ништо не се разликува од која било игротека. Директорот на Управата за санкции, Јовица Стојановиќ изјави дека постапиле по препораките на Советот на Европа, од април оваа година, за создавање на похумани услови во казнено – поправните установи.

– Со овој пример, кој ќе се следи и во другите установи, создаваме европски услови за лицата кои издржуваат казна затвор. До сега во овие 13 месеци како Управа имаме вложено околу 3,5 милиони евра во затворскиот систем, пари обезбедени од Европската Комисија и од други донатори – вели Стојановиќ.

Тој наведе дека со овие средства се работи на опремување на женскиот затвор со 27.000 евра, околу 100.000 евра се искористени за набавка на транспортни возила на притворениците и затворениците, се опремува судница во битолскиот затвор, каде се затвори притворскиот оддел поради лошите услови, а се работи и на втората фаза на реконструкција на затворот Идризово.

За опремувањето на детската соба во затворот Штип се потрошени 1.500 евра.