!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во Турција се одбележува годишнина од неуспешниот пуч


       
Анкара, 15 јули, 2017 - 11:29 (META) 

Во Турција денеска се одбележува првата годишнина од неуспешниот обид за државен преврат. Според турските власти, организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, прогласена од безбедносните структури за терористичка, е одговорна за пучот извршен ноќта на 15 спроти 16 јули минатата година.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган објави вчера дека во државата ќе почне „национално демократско бдеење“ и ќе трае до полноќ на 16 јули. Закажана е седница на парламентот со специјална програма. Попладне во Истанбул ќе почне поход на национално единство на Ердоган, ветерани од превратот и роднини на загинатите. Претседателот ќе има говор и ќе биде прикажан документарен филм за 15 јули. Ќе биде отворен и споменик на жртвите од неуспешниот пуч.

Турските власти, инаку, вчера отпуштија повеќе од 7.000 полицајци, војници и јавни службеници. Декретот за отпуштање претставува дел од мерките по обидот за пуч. Турција досега суспендира повеќе од 150.000 официјални лица и уапси околу 50.000 припадници на армијата, полицијата, вработени во судството, академици и луѓе од други сектори. Во најновиот декрет меѓу отпуштените од работа се 2.303 полицајци, како и 302 вработени на универзитети во државата.