!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во Собрание продолжува расправата за законот за јазиците


       
Скопје, 14 ноември, 2017 - 9:19 (META) 

Со почеток точно напладне, Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи расправата за предлог-законот за употреба на јазиците. За овој закон се расправаше и вчера, на седмото продолжение на 15-та седница, и тоа беше првото продолжение по паузата во работата на Собранието поради локалните избори.

На вчерашната расправа, пратениците од власта и опозицијата беа со спротивставени ставови, а дискусијата беше со релативно смирен тон.

Според пратениците од СДСМ и коалицијата и ДУИ, со законот со кој се овозможува официјална употреба на албанскиот јазик, станува збор за нормално демократско правило, додека според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, станува збор за неуставно прогласување на двојазичност на нивото на целата земја.

И двете партии подготвуваат амандмани за законот, кој сега е во прво читање.

На дневен ред на Собранието е и законот за употреба на македонскиот јазик, како и законот за ваучери за набавка на информатичка опрема за студенти, но и предлог-закон за укинување на титулата Национален уметник.

На крајот на листата на точките за дневниот ред се и интерпелациите за министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, и интерпелацијата за министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.