Во Скопје се забранува доставување стока од 7.30 до 18 часот


       
Скопје, 20 декември, 2017 - 9:58 (META) 

Советот на град Скопје на вчерашната седница усвоил одлука со која се забранува доставувањето стока во периодот од 7:30 до 18 часот, во периодот од од 1 декември до 31 март. Доставата меѓу 18 и 7.30 часот ќе може да се врши со задржување на возилото најмногу 15 минути.

Оваа одлука е со цел намалување на загадувањето на подрачјето на Град Скопје, што е предвидено и со Препораките на владината Интервентна акциска група за итните мерки против загадувањето на воздухот, донесени на 15 декември.

Секторот за сообраќај на Град Скопје ќе изврши усогласување на издадените одобренија, односно ќе ги повлече старите и ќе издава нови.

Одлуката за новиот режим ќе стапи на сила со нејзиното објавување во „Службен гласник на Град Скопје“.