fbpx

Во Преспа потпишана спогодбата со Грција

-

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас во селото Псарадес (Нивици) на грчкиот брег на Преспанското Езеро претпладнево ја потпишаа „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817  (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“.

Документот предвидува ново име за Република Македонија, односно „Република Северна Македонија“, кое ќе се употребува ерга омнес, односно во секоја пригода и во земјава и надвор од неа. Oфицијалниот јазик на земјата е македонски, додека државјанството ќе биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“. Договорот го потпиша и посредникот на ОН, Метју Нимиц на денот на својот роденден.

Тој во оваа пригода рече дека, неговата посредничка улога завршува и дека останува двете земји да го одработат останатиот дел од договорот. Истакна дека, за решавање на овој децениски спор, кај четворицата политичари од македонска и грчка страна, имало лидерство, храброст и визија.

На церемонијата присуствуваа и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло.

– Колку убав и величествен историски ден, нека ни е со среќа – рече Заев, кој во првиот дел од својот говор го спомена Аристотел, велејќи „човек што има волја, може и планини да помести“ што, како што нагласи, се случува денеска.

-Нема да можеш да постигнеш ништо без храброст и надежта е буден сон. Овие две мисли говорат дека кога има надеж и храброст можеш да поместиш планини. Со потпишувањето на овој договор навистина поместивме планини. Кога многумина се сомневаа, потврдивме дека е возможно. Ставаме крај на еден спор. Прашањето беше отворено три децении. Затоа јас и Ципрас и министрите за надворешни работи заедно со нашите претставници, тргнавме во потрага по решение и стигнавме до решение – рече Заев, посочувајќи оти од историјата треба да се учи, а не да се повторува нејзината содржина.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас рече дека „ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи.“

– Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди – додаде Ципрас.

Тој при честитањето по потпишувањето на договорот, ја симна од врат својата вратоврска и му ја подари на својот грчки колега .

Денешниот настан продолжува со заеднички ручек на македонска територија, во Отешево.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...