Во предлог-буџетот за 2019 најмногу средства за мерките за вработување и стопанството


       
Скопје, 13 ноември, 2018 - 9:48 (META) 

Во предлог-буџетот за 2019 година најмногу средства досега се предвидени за активни мерки за вработување, издвоени се 1,1 милијарди денари, што е за 10 проценти повеќе во однос на годинава. Ако се направи пак споредба со 2017 година, оваа сума e двапати повисока, или трипати повисока во споредба со 2014 година.

Согласно проекциите за идната година, се очекува намалување на невработеноста на околу 20 проценти, како и покачување на номиналната нето-плата за 4,5 проценти.

Во буџетот за 2019 година, предвидени се повеќе средства за поддршка за стопанството. Станува збор за речиси 3 милијарди денари, или 40 проценти повеќе средства во однос на годинава.

Со овие средства, како што информираат од Министерство за финансии, ќе се поддржат нови инвестиции, извоз и освојување нови пазари, нови вработувања, поддршка за мали и средни претпријатија, иновативност, технолошки развој и странски инвестиции во технолошко индустриските развојни зони.

„Повратот на ДДВ кон фирмите ќе се одвива навремено и неселективно, како и досега“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Приоритетни мерки во рамки на Програмата за земјоделството за 2019 година ќе бидат насочени кон поддршка на земјоделските стопанства од 30 проценти при набавка на гориво за земјоделска механизација или зелена нафта. Ваква мерка за прв пат се воведува во Македонија, со што се намалуваат трошоците за земјоделците.

Износот на субвенции планиран за 2019 година изнесува вкупно 8,5 милијарди денари, и е за 60 милиони денари повисок од буџетираниот во 2018 година, но дури за 820 милиони денари или 11 проценти повисок од остварениот во 2017 година.