Во Полошко полицијата привела 48 странски државјани со нелегален престој


       
Тетово, 14 ноември, 2018 - 12:14 (META) 

Полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово ноќеска од полноќ до 2 часот и 30 минути, спровеле акциска контрола во угостителски објект во тетовско Горно Седларце.

Таму биле затекнати осум женски лица, од кои пет од Република Албанија и три македонски државјанки. Албанските државјанки на возраст од 25 до 45 години, кои во објектот ги забавувале гостите, приведени се во Полициската станица Тетово, по што се предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка, информираат од СВР Тетово.

Во истиот период, спроведена е акциска контрола и во угостителски објект во Желино, во кој биле затекнати шест женски лица, од кои една од Република Косово и пет македонски државјанки. Косовската државјанка на возраст од 23 години приведена е и предадена за натамошна постапка.

Во период од 4 до 7 часот, акциска контрола се реализирала и во неколку објекти во Гостивар. Биле откриени и приведени 14 албански државјани на различна возраст од 17 до 57 години. Спроведена е контрола и во неколку гостиварски села, кае што откриени се 28 албански државјани со нерегулиран престој во земјава, соопштија од СВР Тетово.