Во Охрид почнува работниот дел од дијалогот „Жан Моне“


       
Скопје, 18 мај, 2018 - 10:15 (META) 

Претставници на парламентарните партии во македонското Собрание денеска во Охрид ќе ги отпочнат разговорите во рамки на дијалогот „Жан Моне“ насловени како „Клучен принцип на консензус за обединет пристап кон Евро-атлантските интеграции за граѓаните на РМ и институционално јакнење на Собранието како демократски столб на сите реформи“.

Средбата е иницирана од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан.

Клучните теми за кои ќе се дискутира во рамки на процесот се Деловникот за работа на Собранието, Етичкиот кодекс, буџетската независност на македонското Собрание, како и други прашања насочени кон јакнење на Собранието како институција со централна улога во реформската агенда за интеграција во ЕУ.

Дијалогот е предвидено да биде заокружен со вечера на која е најавено присуство и на лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците а од Беса, Билал Касами. Пред нив е предвидено да се обрати и Сергеј Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти.

Можно е на овој настан да се случи лидерската средба на која подолго време повикува ВМРО-ДПМНЕ, барајќи власта да информира за преговорите со Грција за името.

Како вовед во дијалогот синоќа се одржа и вечера за учесниците во разговорите, за кои европратеникот Иво Вајгл рече дека се со цел во отворена атмосфера, без присуство на јавноста, да се разговара за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус.